[Кратко, ем јасно] Бете Илин – една уметница, а две интервјуа

Бете Илин работи како професорка во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј” во Скопје. Опусот на Бете Илин опфаќа голем број вокални дела и инструментална музика. За своите дела е добитничка на повеќе награди. Нејзините композиции се изведуваат на концертните подиуми во Македонија и насекаде низ светот, од страна на врвни изведувачи.

ИНТЕРВЈУ СО КОМПОЗИТОРКАТА БЕТЕ ИЛИН

Кој беше моментот кога сфативте дека сакате да бидете композиторка? Дали отсекогаш го знаевте тоа или пак беше процес на постепено откривање?

Отсекогаш бев полна со нови идеи и креативност. Исто така ме интересираа игри со решавање проблеми. Бидејќи музиката ме привлекуваше, а најмногу инструментот хармоника и неговите бои, сакав новите идеи, креативноста и возбудата од игрите да ги насочам во пишување на композиции за овој инструмент. И првата моја композиција е токму за овој инструмент, но подоцна сфатив дека пишувањето музика е тоа што ме привлекува и продолжив да се занимавам со тоа. Сега пишувам композиции за секаков вид инструменти и најразлични состави – повторно, најчесто застапена е хармониката.

Секој начин на создавање уметност е уникатен, но како Вие би го опишале Вашиот? Кое е чувството кое го доживувате за време на процесот, а кое чувство откако сте го завршиле делото?

Кога пишувам губам чувство за време, заборавам на сè. Возбудена сум и емоциите не можам да ги контролирам. Чудно, но пишувањето не ми е навика, туку зависност. Почнам ли со еден такт, не прекинувам додека не ја напишам целата композиција, без разлика дали е една минута или многу повеќе. Без разлика дали е за еден инструмент или за цел оркестар, јас веднаш знам што и каде треба да е напишано. Како да ја имам в глава целосно меморирана композицијата и само ја запишувам на ноти, а всушност станува збор за пишување на нешто ново, неслушнато претходно.

Како композиторка која долго време е на музичката сцена, кој е Вашиот најголем предизвик со кој се соочувате или сте се соочиле досега?

Секое ново дело за мене претставува предизвик. Многу често, изведувачи кои го познаваат мојот опус бараат да напишам специјално за нив композиција, најчесто за некој нивен концерт и посебен повод. Ова за мене е особен предизвик бидејќи покрај познавањето на сите композиторски техники имам можност отприлика да ги знам и техничките – и музичките особености на уметникот и ми се укажува доверба да се обидам да ги истакнам сите негови квалитети.

ИНТЕРВЈУ СО ПРОФЕСОРКАТА БЕТЕ ИЛИН

Дали би можеле да ни раскажете за вашите почетоци поврзани со музиката? Од колку години се занимавате со музика?

Во моето семејство никој професионално не се занимава со музика. Но, мојата желба за музичко образование беше несебично поддржана од моите родители. Оваа поддршка ја имам до ден денес, без разлика дали моите дела се свират во Скопје, Софија, Белград или во Берлин, Њујорк, Рим, Лозана, Торонто и други светски метрополи.

Како мала добив на подарок инструмент хармоника и веднаш се вљубив во прекрасните звуци на овој инструмент. Имав среќа мојата наобразба да ја започнам во класата на проф. Зорица Каракутовска и од тогаш – до денес таа и инструментот хармоника имаат посебно место во мојата музичка кариера. Хармониката остана инструментот кој најмногу ме инспирира, иако во моето творештво се застапени дела за сите инструменти и за глас.

Како професорка во средното стручно училиште, нè од каде Ви се појави желбата да ги предавате предметите Хармонија и Композиции? Дали имате некоја посебна поврзаност со тие предмети?

На Факлутетот за музичка уметност дипломирав на две студиски програми – музичка теорија и педагогија и композиција. Подоцна магистрирав композиција. Благодарение на тоа, скоро и да не постои предмет од теоретските дисциплини кој не можам да го предавам. Јас сум пред сè композитор и најголем придонес како професорка можам да дадам токму по предметите кои се тесно поврзани со компонирањето, како композиција, хармонија, оркестрација, познавање на музички форми и др. Се радувам што имам можност да ги споделам стекнатите знаења и вештини со моите ученици.

Како е да се работи со тинејџери во средно стручно училиште?

Од моето повеќегодишно искуство можам да кажам дека работата со младите музички таленти е многу комплексна и со себе носи многу предизвици. Во работата со нив се обидувам да бидам спонтана и материјалот да им го презентирам на прифатлив и разбирлив начин. Се трудам да внесам инвентивност и да ја разбудам нивната желба за стекнување нови знаења и вештини.

Авторка на интервјуто за композиторката Илин: Невена Данчева
Авторка на интервјуто за професорката Илин: Изабела Велковска

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „Mладински муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески.