„Поминаа многу години позади нас. Од 2003-та, кога беше одржан за првпат, овој настан расте и со својата големина и со својата важност, собирајќи секоја година неколку илјади посетители, вклучувајќи голем број музичари и диџеи кои преку нивната уметност ја пренесуваат универзалната порака на мирот“.
Вака стои најавата за новиот „Bob Marley Day“ (Ден на Боб Марли) кој на 13 мај од пладне до 1 часот по полноќ традиционално ќе се одржува во скопскиот Градски парк.
„Доближувајќи ја реге музиката и пораката на Боб Mарли – ‘One love, one heart, a world without borders’ до сите луѓе, овој настан е нешто што се памети засекогаш… Сите ние како поединци треба да придонесеме за овој настан, да продолжи да се развива и да прерасне во уште поголем на сечие задоволство“, се вели во најавата.
Инаку, Боб Марли ја прослави реге музиката низ цел свет. Во Македонија настанот од 2003 година се одбележува во месец мај, кога музичарот почина во 1981 година. Со тек на времето, овој настан прерасна во еден од најмасовните музички собири во главниот град.