Во општина Центар денес беше поставена уметничката акција „Чекајќи го Годо“, посветена на односот на Европската Унија кон Република Северна Македонија. Герила акцијата е дел од проектот „Артиватор“ на Центарот за современи уметности.
„Инспирацијата за оваа акција доаѓа од сличноста на состојбите во драмата Чекајќи го Годо на Семјуел Бекет и Евроинтеграцискиот процес на РСМ. Иако на прв поглед може да звучи несериозно, смешно и апсурдно, сепак постојат огромни сличности помеѓу двете дејствија – она во драмата на Бекет и она во државата Македонија на нејзиниот пат на евроинтеграциите“, велат организаторите.
Од Центарот за современи уметности истакнуваат дека како што главните ликови од драмата на Бекет, Владимир и Естрагон, со часови и денови го чекаат Годо да дојде и да им ги разјасни дилемите и да им ги реши проблемите така и Македонија го чека почетокот на преговорите, датумот за преговори, меѓувладината конференција, надевајќи се дека кога ЕУ ќе дојде сите проблеми ќе се решат со магично стапче.
„Доколку подлабоко ја анализираме ситуацијата во драмата на Бекет, наоѓаме и понатамошни сличности со состојбата со евроинтеграциите бидејќи Владимир и Естрагон во одредени моменти воопшто и не се сигурни дали Годо им кажал дека ќе дојде, исто како што не се ни сигурни дали го чекаат на вистинското место“, велат организаторите.
Тие дополнуваат дека и земјава, чекајќи го датумот за преговори и постојано исполнување на нови услови, веќе не знае ниту што чека, дали и колку треба да чека и дали како и ликовите од драмата на Бекет треба да се размислува за бесење.
„Аналогијата на костурите всушност ја претставува аналогијата на вечното односно долгото чекање претставена во Македонската урбана изрека ‘Чекајќи те костур се сторив’“, дополнуваат од Центарот за современи уметности.