Грција вчера донесе забрана за контроверзната „терапија за преобратување“ ЛГБТ+ лица за малолетници.
Станува збор за практика која е насочена кон потиснување на индивидуалната сексуална ориентација и родов идентитет, која ЛГБТ+ заедницата низ светот, како и здравствените експерти ја осудуваат како штетна.
Според законот, кој беше одобрен од грчкиот парламент, на психолозите или на другите здравствени работници ќе им биде потребна експлицитна согласност од лицето за да извршат таков вид третман, или се соочуваат со парични и затворски казна доколку го прекршат законот.
„Постоеја некои лажни практики во кои се наведуваше дека кога малолетник избрал поинаква сексуална ориентација, неговите родители можат да одлучат за `терапија` со која нивното дете `ќе се врати во нормала`“, изјави пред парламентот грчкиот министер за здравство, Танос Плеврис.
Владата подготви национална стратегија која ќе трае до 2025 година за реформи кои промовираат родова еднаквост во Грција, која важи за прилично конзервативна земја.
Канада, Нов Зеланд и Франција ја криминализираа „терапијата за преобратување“ претходно оваа година.