Северна Кореја воведе „строга вонредна состојба“ откако го потврди присуството на коронавирусот во земјата, а лидерот Ким Јонг-Ун истакна дека ќе работи на брзо елиминирање на вирусот, пренесува „Гардијан“.
Државните медиуми известија дека варијантата на Ковид-19, Омикрон е регистрирана во главниот град, Пјонгјанг.
„Се случи најголемиот инцидент во земјата, односно дупка во нашиот вонреден карантински фронт кој не чуваше безбедни во последните две години и три месеци“, соопштила државната медиумска агенција „КЦНА“.
Според извештајот, жителите на Пјонгјанг се заразиле со Омикрон варијантата, но засега не се наведени бројот на регистрирани случаи, ниту пак изворот на заразата.
Северна Кореја тврдеше дека во земјата не е регистриран ниту еден случај од коронавирусот, откако пред две години ги затвори границите на почетокот на светската пандемија.
Потврдените случаи на коронавирусот претставуваат сериозен ризик за земјата, која според експертите, ги нема вакцинирано своите 25 милиони жители.
Според медиуми од Сеул, неколку реони на Пјонгјанг два дена се во карантин, а се известува и за панично купување на прехрамбени производи бидејќи не се знае кога карантинот ќе биде укинат.