УНИЦЕФ и партнерите ја претставија дигиталната апликација и алатка за асистивна технологија, Сиборд, креирана за да им помогне на децата кои имаат тешкотии во комуникацијата и нарушувања на говорот за да можат да комуницираат и да ги искажат своите потреби, чувства и мисли.
„Комуникацијата е во сржта на секоја интеракција меѓу луѓето. Децата кои имаат тешкотии со говорот често не успеваат да бидат разбрани, а тоа може да биде пречка во нивните секојдневни интеракции, развој, образование и социјална вклученост. Со Сиборд, децата добиваат глас, можност да проговорат, да учат, да се развиваат и да се изразат себеси, а со тоа и шанса да покажат што можат да постигнат“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.
“Ги охрабруваме родителите, воспитувачите и наставниците да ја користат оваа алатка за да се премостат бариерите кои оневозможуваат активно учество и инклузија на децата во пошироката заедница и во општеството“, додаде таа.
Асистивните технологии дизајнирани за алтернативна и аугментативна комуникација може да им помогнат на децата да ги развијат своите способности да разберат и изразат зборови и концепти, со што се отвораат можности за подобрување на нивниот развој и учење, а со тоа се поттикнува инклузија и учество во образованието и во заедницата.
Сиборд е токму едно такво асистивно технолошко решение за алтернативна и аугментативна комуникација. Тоа е бесплатна апликација со отворен изворен код, креирана со поддршка од Фондот за иновации на УНИЦЕФ. Може да се користи на интернет или преку андроид мобилен уред или таблет, како помош за децата и возрасните кои се соочуваат со голем број говорни и јазични нарушувања, за да се олесни нивната комуникација со употреба на симболи, слики и пренос на текст во говор.
„Ми претставува особено задоволство што денес ја имам можноста да ја претставам оваа дигитална алатка која ќе биде од особено значење за промовирањето на инклузијата на децата со попреченост од рана возраст“, истакна Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.
По успешното првино воведување на Сиборд во три земји во регионот – Хрватска, Црна Гора и Србија – УНИЦЕФ и партнерите – организацијата „Отворете ги прозорците“ и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, направија локализација на Сиборд на македонски и албански јазик, и креираа нов глас за аудио читач на македонски јазик – женскиот глас „Сузе“.
„Ни беше голема чест да бидеме дел од оваа иницијатива. Голема радост е за нашите студенти и за нас што можевме да придонесеме со нашето знаење и да работиме на систем кој ќе го подобри животот на луѓето. Групата за говорни технологии на ФЕИТ, УКИМ, има богата традиција и експертиза во технологијата на говор, особено синтезата и препознавањето на говорот. Ние, исто така, негуваме плодна соработка со „Отворете ги прозорците“ што им помогна на нашите студенти да работат на многу проекти за асистивна технологија. Токму преку оваа соработка нашите студенти го создадоа Говорко – апликација за паметни телефони за AAC – и доведе до нашето учество во локализацијата на Сиборд и создавањето на новиот глас Сузе“, рече професорот Бранислав Геразов, од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
Овој процес се надоврза на искуствата на УНИЦЕФ во поширокиот регион, експертизата на тимот професори од Универзитетот во Загреб, а воедно и ги надополни напорите на УНДП кои ги креираа Кико и Хана – првите природни гласови за синтеза на говор на македонски и на албански јазик.
„Веќе 17 години придонесуваме асистивната технологија да стане достапна за секое дете и лице со попреченост во нашето општество. Алатките кои денес ги претставуваме се основа на дигиталната алтернативна и аугментативна комуникација, која дополнително ќе им даде можност на стотици деца и возрасни со тешкотии во говорот да ги изразат своите комуникациски потреби“, рече Кристијан Лазарев, координатор на проектот од “Отворете ги прозорците“.
Сиборд е комуникатор што може да се користи во различни средини, почнувајќи од семејството на детето и градинките, центрите за рана интервенција, училиштата, ресурсните центри и логопедските услуги и може особено да помогне во раниот детски развој и раната инклузија на децата со попреченост, почнувајќи од предучилишното образование и понатаму.
Досега повеќе од 170 стручни лица, вклучувајќи тимови за инклузија од десет градинки, наставници од предучилишни установи, терапевти, психолози, членови на телата за функционална проценка и специјални едукатори се запознаа со примената на алтернативната и аугментативната комуникација, вклучувајќи го Сиборд, во работата со деца кои имаат тешкотии во комуникацијата и нарушувања на говорот и јазикот. Стручните лица кои ја тестираа апликацијата во пилот-фазата потврдуваат дека децата особено добро реагираат на опцијата за претворање на текст во говор, дека покажуваат подобрување во опсегот на зборови и во изразувањето на своите потреби.
Апликацијата Сиборд е достапна на повеќе од 30 јазици и има пристап до базата на податоци Global Symbols која има над 20.000 симболи и која сега ги вклучува сетови со симболи за основен лексички фонд за македонски и албански јазик. Сетовите со симболи може и да се експортираат од Сиборд и да се испечатат за да се користат како дополнителен ресурс при работата со децата.
Апликацијата може бесплатно да се преземе од „Google Play“ на андроид телефони или директно да се пристапи на страницата www.cboard.io .