Шпанија набрзо може да биде првата земја од Западот која ќе дозволува жените да земаат неколку дена менстурално отсуство од работното место секој месец според предложените законски измени кои ќе се разгледуваат следната недела.
Шпанската влада се очекува да ги одобри овие измени како дел од сеопфатен предлог закон за репродуктивно здравје и право на абортус. Повеќе детали се очекуваат да бидат објавени во вторник, пренесува Еуроњуз.
Според весникот Ел Паи, предлогот вклучува најмалку три дена отсуство секој месец за жените кои се справуваат со посериозни болки за време на нивниот менструален период. Во текстот се наведува дека ова „медицински контролирано отсуство“ може да биде продолжено и до пет дена за жените кои при менструацијата се соочуваат со тешка болка, вртоглавица, зашеметеност и повраќање.
На светско ниво во моментов менструално отсуство е дозволено само во мал број земји, меѓу кои Јапонија, Тајван, Индонезија, Јужна Кореја и Замбија.
Според Шпанското друштво за гинекологија, околу третина од жените во менструален циклус се соочуваат со силни болки, познати како дисменореа. Симптомите вклучуваат болки во стомакот, дијареја, главоболки и температура.
„Многу е важно да дефинираме што значат болните менструации. Не зборуваме само за мала непријатност, туку за сериозни симптоми како дијареи, силни главоболки, температура“, објаснува Анхела Родригез, државна секретарка за еднаквост и спречување родово насилство.
Предлогот сепак не е апсолутно извесно дека ќе биде прифатен, бидејќи се соочува со одредени критики во Шпанија. Дури и во самата владина коалиција постои поделеност по ова прашање. Иако крајно-левата парија Подемос ги одобрува ваквите законски измени, дел од Социјалистичката партија изразија загриженост дека менстуралното отсуство може да влијае негативно на жените, со тоа што би ги обесхрабрило работодавачите да ги вработуваат.
Предлог законот истовремено треба да го намали и ДДВ-то на хигиенски производи за жените, како и да обезбеди бесплатни менструални продукти во училиштата и едукативните центри. Дополнително со измените се предлага и право на бесплатен абортус во јавното здравство, како и укинување на обврската за жените на 16 и 17 години да бараат дозвола од родителите за прекинување на бременоста.