На 5 мај, учениците од Училиштето „Број 40“ во градот Тула, околу 40 километри јужно од Москва, ја покажаа нивната поддршка за руската војска правејќи формација во обликот на латиничната буква „Z“, која зедно со буквата „V“ станаа симбол на руската власт за војната во Украина.
Видеоснимка од овој детски гест беше објавен на локалните медиуми, како и на училишните профили на социјалните мрежи.
Неколку дена подоцна, името, контактот на работното место и фотографија од директорката на училиштето, Светлана Гнидина, се појави на канал на Телеграм, кој активистите во Русија го направиле за да собираат и објавуваат информации за училишта, за кои велат дека ги користат децата во воена пропаганда.
Истото се има случено и со директорката Александра Пашченик, од Училиштето „Број 18“ во предградието на Москва. Во средината на април таа објавила фотографии на социјалните мрежи од нејзини ученици кои носат ленти на рацете со боите на руското знаме во обликот на буквата „Z“, а покрај сликите имало и хаштази кои преведени би значеле: „За Донбас“, „За вистината“ и „За претседателот“.
Телеграм каналот „Они За Воину!“ (Тие се за војна!) е креација на 36-годишниот Дмитри Цибиров, поранешен координатор за затворениот опозициски лидер Алексеј Навални во регионот Саратов. Цибиров ја напуштил Русија во 2021 година, кратко откако организациите поврзани со Навални беа забранети од власта како „екстремистички“ и обвинителството започна да поведува кривични постапки против луѓето кои работеле во овие групации.
„Вклучувањето на деца во демонстрации за поддршка на војната во Украина е скандалозен морален злостор“, вели Цибиров за Радио Слободна Европа, додавајќи дека тоа и ги крши руските закони за агитирање луѓе да учествуваат во демонстрации или маршеви, а исто така е и против законот за образование – кој забранува злоупотреба на училиштата за политички цели.
„Лично, како основач на овој проект, најмалку што би сакал да видам е казни за ваквите директори – откази од нивните функции и забрана во иднина да работат со деца. Но, најверојатно тоа не е реално во моментов. Но во оваа земја ќе дојдат промени, вклучително и некои неочекувани. Затоа оваа база на податоци ќе биде корисна во таков случај“, вели Цибиров.
Кратко време откако претседателот Владимир Путин ја започна инвазијата на 24 февруари, руската власт започна активно да работи на манифестација на јавна поддршка за војната. Локалните ограноци на владејачката партија Обединета Русија спроведоа повеќе капањи, акции, петиции и други изрази на патриотизам и партиска лојалност во кои често беа вклучени и вработените во јавната администрација и ученици.
Цибиров употребата на ученици, кои се` уште не можат да ја разберат ситуацијата или слободно да носат одлуки околу вакви политички теми, ја нарекува „трговија со деца“.
Според него родителите на овие ученици ретко се информирани за ваквите демонстрации однапред, но дури и кога се информирани тие најчесто се принудени да се согласат бидејќи се плашат дека тоа може да им предизвика проблеми на нивните деца.
Цибиров додава дека руските војници кои денеска се борат во Украина биле деца кои оделе во училиште за време на власта на Путин, кој е претседател или премиер од 1999 година.
„Со години тие се растени со воена пропаганда и сега овие војници се борат и умираат во Украина. Не сакам да ги гледам денешните петтоодделенци и други ученици за неколку години да маршираат во некоја следна војна поради работите кои ги учеле во училиште“, објаснува тој.
Според него, рускиот образовен систем мора да биде целосно реформиран, почнувајќи од политички послушните и непринципиелни директори и наставници.