Со мотото „Од луѓе за луѓе“ на 18 јуни (сабота) од 9 до 21 часот кај Камениот мост во Скопје ќе се одржи второто издание на фестивалот „Нови простори“.
Фестивалот ќе се одвива на Кејот „13 Ноември“ во Скопје, до сидрото, од левата страна на реката Вардар.
„‘Нови простори’ е фестивал на новото чувство, новата мисла, новата креација, новиот ден, новиот човек. Отворена порта за сите прогресивни идеи, оригинално творештво, позитивно пријателско опкружување, чиста животна средина и долгорочен општествен развој, во здраво тело – здрав дух. Добрата мисла, позитивното расположение, врвните вредности и развојот на заедништвото е наша примарна цел“, велат организаторите на „Нови простори“.
Фестивалот е отворен за посетители, но и за учесници во програмата. Пријавувањето е отворено преку ОВОЈ ЛИНК и трае до 8 јуни. Избраните ќе бидат известени за нивното учество три дена по пријавувањето, а програмата на второто издание и временската рамка ќе бидат презентирани на јавноста на 10 јуни, петок.
„Ајде, сите заедно да ги откриеме нови физички простори за креација и уметност и нови ментални простори за духовен развој. Ајде да се дружиме!“, стои во најавата.
На фестивалот можат да учествуваат артисти од нашата земја, без ограничувања, на следните категории и пропозиции:
„ПОРАКА ВО ШИШЕ“ – Фестивалот пушта во реката Вардар порака во шише што младите луѓе од нашиот град и земја му ја упатуваат на светот. Пуштањето на пораката е симболичен чин кој се реализира веднаш по отворањето на фестивалот. Од оваа година пораката во шише ќе се избира по пат на јавен повик. Пораката треба да биде во должина од 300 збора. Одбраната порака Авторот ќе ја прочита за време на отворањето на фестивалот и ќе ја пушти во шише во реката Вардар. Пораката ќе биде испратена до сите релевантни медиуми, институции и организации во земјата и во светот, во името на Фестивалот, со името презимето и потпис на Авторот.
„ОТВОРЕН МИКРОФОН“ – Можат да се пријават поединци и групи со авторска музика. Концертот ќе биде целодневна активност исполента со дружење и споделување оригинални/нови музички дела. За настапот е обезбедено комплетно озвучување и бинска опрема – тапани, гитарски појачала, микрофони, како и тонец. Во зависност од бројот на пријавени изведувачи ќе бидат прецизирани терминот и времетраењето на секој поединечен настап.
„НОВ БИТ„ Можат да се пријават поединци и групи со авторска електронска музика. Во неколку блока во текот на денот младите ди-џеи ќе ги презентираат своите сетови.
„СОЛО КЛАСИЧЕН ИНСТРУМЕНТ ПОД АРКАТА НА МОСТОТ“ – Можат да се пријават инструменталисти на инструменти од класичната музика кои ќе имаат свој соло настап под арката на мостот. (сите инструменти што се изучуваат во рамките на програмите на МБУЦ „Илија Николовски – Луј„)
„НА УБАВИОТ СИН ВАРДАР“ – Класични звуци во некласично опкружување – Соло изведувачи и камерни ансамбли на класична музика може да се пријават за настап во рамките на овој сегмент на фестивалот.
„ПРОМОЦИЈА НА НОВИ МУЗИЧКИ ИЗДАНИЈА„ – Фестивалт посветува еден сегмент за промоција на нови музички изданија – албуми. За секое издание предвиден е краток разговор во рамките на кои ќе биде претставен бендот/авторите, нивната активност и ќе биде јавно преслушана една композиција.
„ТАНЦ НА КЕЈ“ – Можат да се пријават поединци и групи со современа коерографија, хип-хоп, фанк, R&B, џез, латино.
„АМБИЕНТАЛЕН ТЕАТАР“ – Театри или неформали театраски групи се пријавуваат со амбиентална театарска претстава со акцент на визуелниот израз која може да биде изведена на отворен простор, на дневна светлина, во трањее до 20 минути.
„НОВИ ПОЕТСКИ ПРОСТРАНСТВА“ – Читање по една нова авторска песна. Локација – до Сидро. Песните ќе бидат објавени во заедничка поетска забирка. Покана за поети.
„БРОДОТ НАРЕЧЕН СКОПЈЕ“ – Маѓијата на краткиот расказ – Читање на кратки раскази – до 500 збора. Сите раскази ќе бидат објавени во заедничка прозна збирка. Покана за прозни писатели.
„СЛИКАМЕ КРАЈ ВОДА“ – Заедничко сликање и продажна изложба на нови уметнички дела„. Секој уметник се претставува со по 2 дела кој ги огласува за продажба. Со себе уметниците си носат и по едно платно, штафелај, бои, столче и тие ќе искреираат заедничко отворено ателје околу камениот мост во рамките на кое ќе сликаат нова слика во текот на целиот ден. Сите уметници заедно ќе насликаат и една заедничка слика – која ќе биде официјалното ликовно уметничко дело на овогодинешниот фестивал. Секој од авторите ќе биде посебно претставен и ќе биде направен краток разговор за неговото творештво.
„ВОЛОНТЕР„ – Можат да се пријават поединци кои ќе волонтираат во организацијата на фестивалот, за време на подготвителниот период и на денот на неговата реализација.
Доколу врне, фестивалот ќе биде реализиран во предвиденото време, во холот на Градскиот трговски Центар – Приземје. Конечната програма, нејзиниот вид и временска рамка ќе зависи од бројот на пријавени автори и изведувачи.