Поделбата на патници кај различните видови на превоз во меѓуградскиот и градскиот превоз во земјава покажува загрижувачки резултати од аспект на емисиите на стакленички гасови и учеството на транспортот во аерозагадувањето. Возот како најеколошко средство за масовен превоз на патници најмалку се користи, додека такси превозот било второто најкористено средство за јавен превоз лани во Македонија, објави агенцијата Мета.
Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) за 2021 година велат дека со такси превоз во меѓуградскиот превоз лани патувале 1.542.000 патници. Најмногу граѓани меѓу градовите патувале со автобус – 2.451.000 патници, додека патничките возови како превозно средство лани ги користеле само 252.000 патници.
Слични бројки се добиени и за градско-приградскиот превоз во земјава. Во јавниот автобуски превоз на градско-приградските линии лани биле превезени 37.386.000 патници, вклучувајќи го и скопскиот јавен превоз. Наспроти ова, со такси во самите градови во 2021 година патувале дури 18.213.000 патници. Притоа, извештајот на ДЗС во градскиот превоз со такси ги бележи единствено легалните такси компании кои имале вкупно 2.109 автомобили во 2021 година.
Проценките се дека со такси превоз во земјава се патува многу повеќе и во меѓуградскиот превоз и во рамките на самите градови, но поради тоа што станува збор за нелегален бизнис, институциите немаат релевантни податоци за бројот на превезени патници со дивите таксисти.
Инаку, Мета.мк веќе објави дека просечната старост на возилата во земјава во 2020 година изнесувала 19,4 години. Во однос на потрошувачката на гориво, ДЗС пресметал дека лани такси превозот потрошил 3.248 тони дизел гориво, 3.033 тони автогас и 408 тони бензин при легалниот превоз на патници. Просечната старост на такси возилата не е позната, но со исклучок на мал број на легални такси компании низ земјава, вообичаено такси возилата се во поодмината старост.
Во некои земји, како што е Обединетото Кралство, по години се мерат емисиите на јаглерод диоксид на такси превозот, со цел да се има подетален увид за тоа колкаво е влијанието на такси превозот врз емисиите на стакленички гасови, а со тоа и врз климатските промени.
Во развиените земји-членки на ЕУ, покрај масивните инвестиции во шинските средства за масовен превоз на патници и развојот на велосипедскиот транспорт и електричните возила, постојат стриктни регулативи за тоа какви возила можат да се користат во такси превозот. Данска, на пример, си постави цел од 2025 година сите нови такси возила низ градовите да не емитираат воопшто јаглерод диоксид, додека сите таксисти од 2030 година ќе мора да имаат возила што имаат нулта-емисија на стакленички гасови.
Враќајќи се назад во Македонија, податоците од „Третиот двогодишен извештај за климатски промени“ изготвен во 2020 година од Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека токму транспортот во секторот - Енергетика бележи растечки емисии на стакленички гасови низ годините. Имено, транспортот драстично го зголемил својот процентуален удел во производството на штетните гасови мерени во јаглерод диоксид еквиваленти во периодот од 1990 до 2016 година. Во периодот пред распадот на Југославија, транспортот имал удел од 8,2 отсто, за во 2016 година неговиот процентуален удел да се зголеми на дури 28,1 отсто.
Студијата за пропорционирање на загадувачите во Скопје, која беше презентирана изминатава пролет и беше изработена во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“ покажа дека сообраќајот е извор на загадување на скопскиот воздух во текот на целата година, заедно со индустријата и согорувањето на нафта и мазут. Мерењата на две локации во Скопје - Карпош и Ново Лисиче, покажаа дека токму сообраќајот бил вториот најважен извор на загадување во Ново Лисиче и како загадувач се наоѓа после затоплувањето на домаќинствата.