Романтичниот балет во два чина „Жизел“ ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет (НОБ) во сабота (21 мај), со почеток во 20 часот, информираа од НОБ.
Претставата е во рамките на на јубилејното 50. издание на овогодишниот фестивал „Мајски оперски вечери“.
„Диригент на претставата е гостинот од Грузија, Давид Мукерија. Магичната и безвременска приказна за несреќната љубов, преточена во музиката на францускиот композитор Адолф Адам, а во кореографија на Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа, Леонид Лавровски. Адаптацијата на кореографијата е на Ирена Пасариќ од Хрватска. Костимографијата е на Александар Ношпал, сценографијата на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, светло дизајн: Милчо Александров“, стои во најавата за настанот.
Во насловната улога пак, од НОБ додаваат дека ќе настапи примабалерината од Романија, Кристина Дижмару, добитничка на многу награди и признанија во балетската уметност.
„Во улогата на Алберт ќе настапи Станислав Олшанскиј, првенец на Националната опера и балет во Украина, во улогата на Мирта: Ивана Коцевска, Хиларион: Игор Веланоски , селско па де де: Христина Наќевска и Балаж Лашеи (Унгарија). Настапува оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет“, се додава во најавата за настанот.