Белоруските власти ги одобрија измените на кривичниот закон со кои се воведува смртна казна за обид за терористички акт, а критичарите на владата во Минск велат дека потегот е насочен против опозициските активисти.
Во Белорусија, каде со цврста рака владее претседателот Александар Лукашенко, досега се предвидуваше смртна казна за терористички акти со смртен исход, за брутални и повеќекратни убиства.
Белорускиот парламент го поддржа проширувањето на употребата на смртната казна, откако активисти се обидоа да саботираат делови од железничката мрежа со цел да и отежнат на Русија да премести сили во Украина. Русија ја користеше територијата на Белорусија, која е нејзин близок сојузник, за инвазијата на Украина, која започна на 24 февруари. Минск негира вмешаност во конфликтот, но признава дека белоруската територија била користена за инвазијата.
Измените на кривичниот законик влегуваат во сила во рок од 10 дена од нивното официјално објавување.
САД го осудија проширувањето на употребата на смртната казна за обиди за терористички акт, оценувајќи дека новиот закон ќе ги таргетира продемократските активисти и луѓето кои се противат на руската војна во Украина. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го обвини Лукашенко дека „продолжува со репресијата“ и дека се обидува да ја задржи власта со нова мерка „преку страв и заплашување“.
Опозициската лидерка Светлана Тихановскаја, која побегна од Белорусија во 2020 година за да избегне апсење, рече дека проширувањето на смртната казна е „директна закана“ за противниците на режимот на Лукашенко и за оние кои се противат на руската агресија врз Украина.
Режимот на Лукашенко значително ја засили репресијата по претседателските избори во август 2020 година, кога ширум земјата избија масовни антивладини протести. Демонстрантите се побунија поради официјалните изборни резултати, според кои Лукашенко убедливо победи.
Оттогаш, многу противници на Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, беа обвинети и уапсени под обвинение за подготовка или обид за извршување терористички акт.