Креативната мрежа на млади активисти од Западен Балкан, платформата „Млади европски амбасадори“ (YEA) вчера отвори нов повик кој ќе трае до 30 јуни.
Оттаму велат дека амбасадорите се разнолики, но сите имаат заедничка визија, односно Западен Балкан обединет во различностите, учењето едни за други и за Европската Унија заедно, спроведување креативни проекти, стекнување нови вештини, поврзување преку социјалните медиуми и организирање инспиративни настани.
„Младиот европски амбасадор е млад активист кој се гледа себеси како добар говорник, спремен да ги сподели вредностите на ЕУ, да учествува во проекти и настани поврзани со ЕУ интеграцијата, заштита на животната средина, човековите права, уметноста и културата и новите технологии. Сите млади лица на возраст од 18 до 29 години од регионот на Западен Балкан се поканети да аплицираат“, се посочува во повикот.
Целта на мрежата, тие велат дека е споделување на вредностите на ЕУ и подигнување на свеста за соработка на ЕУ со нејзините партнери од Западен Балкан, прикажување видливи резултати од соработката, придонес кон политичкиот дијалог на различни теми, поддршка за зголемување на граѓанскиот активизам и заедничката работа за подобра иднина.
„Со цел да им помогнеме на потенцијалните амбасадори при аплицирањето, WeBalkans организира отворени денови на YEA низ регионот, каде што нивните колеги кои се веќе членови на мрежата, ќе ги споделат сите релевантни информации за YEA мрежата и ќе помогнат во процесот на аплицирање“, додаваат од мрежата.
Организатори на отворените денови ќе бидат Европските куќи, ЕУ инфо центрите и делегациите, односно канцелариите на ЕУ од регионот на Западниот Балкан, а секој заинтересиран може да присуствува на кој било настан. Исто така, амбасадорите ќе организираат и онлајн сесија на отворениот ден на YEA на која младите ќе можат слободно да се приклучат и да поставуваат прашања, додаваат од мрежата.
Повеќе информации околу распоредот на отворените денови на следниов ЛИНК.
Во меѓувреме, повеќе информации околу процесот на селекција, условите и правилата за учество има на следниов ЛИНК.