Обединетите нации (ОН) предупредија дека 18 милиони луѓе во регионот Сахел во Африка ќе бидат погодени од тешка глад во следните три месеци, поради војната во Украина, пандемијата на коронавирусот, климатските шокови и зголемените цени.
Исто така, кризата со глад може да доведе до зголемена миграција на луѓето од погодените подрачја, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи (ОЦХА).
Тешка глад во регионот Сахел им се заканува на најголем број луѓе од 2014 година, а посебно загрозени се четири земји, Буркина Фасо, Чад, Мали и Нигер, каде што речиси 1.7 милиони луѓе се соочуваат со алармантно ниво на несигурност со храна, наведува агенцијата на ОН.
Делови од регионот Сахел имаат најслабо земјоделско производство во повеќе од една деценија, а недостигот на храна може дополнително да се влоши до крајот на летото, изјави портпаролот на Светската програма за храна Томсон Фири.
Директорот на ОЦХА, Мартин Грифитс рече дека „комбинацијата на насилство, несигурност, длабока сиромаштија и рекордно високите цени на храната поттикнува глад и доведува милиони луѓе до раб на опстанок“.
Канцеларијата на ОН предводена од Грифитс донира 30 милиони долари од својот фонд за итна помош на Буркина Фасо, Мали, Чад и Нигер.
Украина и Русија се водечки производители на пченица, јачмен и други земјоделски производи, а конфликтот помеѓу двете земји речиси целосно го запре извозот преку Црното Море.