На Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) во Скопје вчера започна со работа првата лабораторија за производство и прототипирање „Ино Фаб Лаб“. Во неа под менторство на професори и стручни лица од секторот, младите од 15 до 29 години ќе развиваат и тестираат иновативни идеи до создавање продукт-прототип.
Клучната цел на лабораторијата е да се зајакне иновативната инфраструктура во земјава и да се подобрат вештините и знаењата на младите средношколци и студенти. Лабораторијата е основана од Здружението „ИНО ТЕХ КЛУБ“ во партнерство со ТМФ, со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Амбасадата на САД и повеќе компании од различни индустрии.
„Со воспоставувањето на Ино Фаб Лаб младите во земјава добиваат неограничен пристап до најсовремена технологија и менторска поддршка за развивање на нивните иновативни идеи до прототип на производи. Во следните 12 месеци очекуваме огромен интерес на младите средношколци и студенти за работа во оваа лабораторија каде ќе ги развијат своите прототипи и ќе ги зајакнат своите технички вештини. Денес со отворањето на лабораторијата почнува и отворениот повик за пријавување на заинтересираните средношколци и студенти кои ќе работат во оваа лабораторија“, изјави претседателот на здружението и професор на ТМФ Игор Јорданов.
Деканката на ТМФ, Биљана Анѓушева рече дека отворањето на лабораторијата на ТМФ ќе даде значаен импулс во привлекување што повеќе средношколци да се заинтересираат за техничките науки и да станат инженери кои ќе бидат двигатели на идниот економски развој на земјата.
„Евидентен е недостигот на техничко-технолошки кадар во домашните компании, па затоа верувам дека отворањето на вакви современи лаборатории ќе привлечат младите да градат кариери токму во овие области“, рече Анѓушева.
Директорот на ФИТР Фестим Халили пак, рече дека особен фокус на Фондот е поддршка на младите и создавање претприемничка култура кај нив како и услови за што поголем дел од нив да останат и да ја градат својата иднина во земјата.
„Овие лаборатории на младите ќе им овозможат пристап до напредни технологии и материјали затоа сум особено горд дека на некој начин им даваме шанса и можност на сите млади ентузијасти да ги унапредуваат своите знаења, вештини и да стекнат искуства преку директно учество во научно-истражувачката дејност и да влијаат и на развојот на нивната кариера и нашето општество“, рече Халили.
Здружението „ИНО ТЕХ КЛУБ“ кое е носител и имплементатор на проектот, во партнерство со ТМФ, преку проектот во период една година ќе им овозможи на педесетина креативни и иновативни средношколци и студенти да се вклучат во работата на конкретни проекти, кои велат дека ќе резултираат со развој на најмалку шест прототипи на производи.