Амнести интерншнл: Минатата година бројот на погубени лица во светот се зголеми за 20 отсто

Бројот на егзекуции во светот минатата година се зголеми за 20%, додека бројот на изречени смртни казни се намали за 40%, соопшти меѓународната организација за човекови права Амнести интернешнл, јавува „Ал Џазира Балканс“.

Во нивниот годишен извештај насловен „Смртни казни и егзекуции“, се наведоа дека најмалку 579 луѓе биле егзекутирани во државите каде сè уште постои смртната казна, а биле изречени најмалку 2.052 смртни казни.

„Бројот на егзекуции се зголеми најмногу поради Иран, од најмалку 246 егзекуции во 2020 година, на најмалку 314 егзекуции во 2021 година, со пораст од 28 отсто“, се вели во извештајот.

„Остриот пораст во Иран е резултат на егзекуцијата на лица осудени за престапи кои се поврзани со дрога – 132, а кои сочинуваат 42% од вкупниот број егзекуции“, се додава во извештајот.

Во вкупните бројки не е вклучена Кина, за која се смета дека секоја година осудува на смрт илјадници лица, а каде податоците за ова се класифицирани.

Истовремено, од организацијата соопштија дека тајноста на овие информации во Северна Кореја и Виетнам и тешкотиите во пристапот до информации за употребата на смртната казна „продолжуваат да ја поткопуваат целосната проценка на глобалните трендови“.

Амнести интернешнл забележува и дека е регистрирано зголемување на бројот на егзекуции во Саудиска Арабија, Бангладеш, Индија и Пакистан.

И покрај зголемените бројки, Амнести наведува дека минатата година само во 18 земји биле извршени егзекуции, што е најмал број од кога се води ваквата евиденција.

Бројот на егзекуции во САД е најмал од 1988 година, додека значителен број земји продолжија да преземаат чекори кон целосно укинување на смртната казна, вклучувајќи ги Сиера Леоне, Казахстан и Малезија.