Во Филхармонија вчера и завчера (23 и 24 мај) се случија два концерти на дуото Лиса Џерард и Брендан Пери – „Dead can dance“. Придружувани од својата банда инструменталисти, како дел од европската турнеја за 2022 година и во рамки од фестивалот „Таксират“, култното дуо ја однесе публиката на музички ритуал.
Ваквиот ритуал е тешко да се пренесе, напише во форма на зборови. Некои од присутните уште се таму, во Средниот век или Ренесансата, прописно „изгубени“ во богатиот музичко-раскажувачки стил на „Dead can dance“. Во глава уште ни одѕвонуваат претпознатливите вокали на Џерард и Пери. Или звуци од целиот тој гитарски, удирачки и дувачки инструментален арсенал.
Настапите ги организираше „Пасворд“. Пред концертот на 23 мај настапи Астрид Вилијамсон, пијанистка дипломирана на Кралската Шкотска Академија, додека на 24 мај, концертната вечер ја отвори мултиинструменталистот и композитор Џулс Максвел. Тој воедно свири клавијатури во „Dead can dance“.
Сепак, она што ќе се памти е австралискoто дуо формирано во 1981 година, откако Пери и Џерард се сретнаа по пабовите на Мелбурн. Оттогаш тие креираа специјален вид на музика што обединува стилови и негира жанрови, а воедно врши пренос на мистика и авандарден пулс. Во позадина сега се прелеваа и фотографии и визуелизации, за да може да се надополни музичкиот наратив и да има спојка со амбиентот во Филхармонија.
View this post on Instagram
Комбинирајќи елементи од европската и светската фолкорна музика, но и она што значи неокласичен дарк вејв, арт рок, готик рок… „Dead can dance“ покажаа дека не се само „старци отидени на турнеја пред пензија“. Напротив. Музичарите понудија професионален однос, и кон тридецениското творечко реноме, и кон аудиториумот. Смиреност, тотално оддавање на својот етеричен звук, на својата уметничка и музичка историографија, ама и поклон кон луѓето што дошле да ги слушаат. Респект, од двете страни на сцената.
Ваквиот фидбек значеше аплауз, на нозе. И викање за да се вратат на сцена. Па, по теми како „Yulunga“, „Amnesia“, „Persian Love Song“, „The Carnival is over“, „Cantara“, „Opium“, „Dance of the Bacchantes“, „Sanvean“ и магичната „The Host of Seraphim“, тие дојдоа на бис. Не дека бисот не се очекуваше и не беше во агендата на концертот, сепак целиот ритуал немаше да биде комплетен без „Severance“, или „Children of the Sun“.
Овој ритуал значеше поврзување. Сега, тука. „Dead can dance“ во нашиот град.
„Ние сме деца на Сонцето. Нашето патување само што започна. Сончогледи во нашата коса. Ние сме деца на Сонцето. Има простор за секого“.
Бојан Шашевски