Русија поставува мобилни пропагандни камиони со џиновски телевизори во освоениот Мариупол, додека властите во Кремљ се обидуваат да ги интегрираат новите окупирани територии на југот од Украина.
Видеата кои ги објави руското Министерство за итни ситуации покажуваат како камионите, кои се наречени „мобилни информативни точки“, емитуваат сегменти од телевизиските вести и политички дискусии од државната руска телевизија на локалното население во разурнатиот град во кој нема струја и вода.
Ваквата „орвеловска“ ситуацијата доаѓа откако најголемиот дел од Мариупол беше уништен од бомбардирање во кое илјадници луѓе ги загубија животите. Еден од камионите е поставен точно пред градскиот театар, каде во авионско гранатирање беа убиени стотици луѓе во март, пренесува Гардијан.
Неколку вакви камиони патролираат низ градот, најчесто емитувајќи руски ТВ сегменти.
„Луѓето од Мариупол три месеци беа во виртуелен информациски вакуум поради недостатокот на струја“, стои во објавата на Министерството за итни ситуации.
Овие џиновски екрани наводно се поставуваат на локации каде жителите на Мариупол добиваат хуманитарна помош, руски документи и каде што има достапна чиста вода за пиење.
„Практиката на `нема ништо за јадење, па дајте им лаги` добива моментум. Се работи за цинизам од највисоко ниво“, напиша Петро Андрушенко, советник на украинскиот градоначалник на Мариупол.
Овој обид за инсталирање руска пропаганда во разурнатиот град е дел од поголема акција за пацифизирање и интегрирање на освоените градови каков што е Мариупол, и покрај тоа што рускиот претседател Владимир Путин неколку пати има изјавено дека Русија не планира да окупира нова територија во Украина.
Путин пред два дена потпиша нов закон со кој се забрзува добивањето државјанство за жителите од Мариупол, како и за оние од украинските региони Керсон и Запорожје, кои и понатаму се делумно под украинска контрола.
Оваа тактика која медиумите веќе ја карактеризираа како „пасошизација“, како начин за анектирање на територии преку полнење со де факто руски државјани.
„Илегалното издавање на пасоши е брутално кршење на украинскиот суверенитет и територијален интегритет, како и на нормите и принципите од меѓународното хуманитарно право“, напишаа од украинското Министерство за надворешни работи.
Вчера руската администрација во Керсон соопшти дека ќе започне да исплаќа плати во рубли, со што ефективно ќе ја воведат руската валута во регионот.