Победниците на Евровизија го продадоа трофејот за набавка на дронови за Украина

Калуш Оркестар, украинскиот бенд кој победи на Евровизија, го продаде нивниот трофеј за 900.000 долари со цел да се соберат пари за помош во војната во Украина.

Наградата во вид на кристален микрофон беше ставена на аукција на Фејсбук, а според бендот парите од продажбата ќе бидат вложени во купување дронови за украинската војска.

Продажбата се совпадна со гостување на украинските музичари на хуманитарен концерт во Берлин, на кој се собираа пари за медицински средства и хуманитарна помош.

Зборувајќи на концертот, еден од членовите на Калуш Оркестарот, Олех Псиук, рече дека луѓето не смеат да се навикнат на војната во која досега се убиени најмалку 4.031 цивил, а дополнителни 4.735 се повредени.

Руската инвазија врз Украина истовремено принуди повеќе од 14 милиони луѓе да ги напуштат своите домови, а голем број градови и населени места беа уништени.

„Сметам дека треба да биде секогаш на насловните страници, се` до доаѓање на мирот“, изјави Псиук.

Нивната победничка евровизиска песна оригинално била напишана во чест на неговата мајка, но емотивните стихови „Засекогаш ќе дојдам до тебе по срушени патишта“ потоа беа реинтерпретирани како текст поврзан со украинската војна.

Дроновите често се користат од украинската и руската војска и како оружје, но и како летала за набљудување на теренот.