Во кинеската метропола Шангај, на фабриките им е дозволено повторно да работат, под услов работниците да не ги напуштаат фабриките. Па така, веќе со недели работниците јадат и спијат во погоните на Фолксваген, Сименс и други големи компании, јавува Дојче веле.
Дојче веле разговарале со еден работник кој сакал да остане анонимен. Тој го поставил својот кревет од тенок картон и вреќа за спиење помеѓу две производни линии. Му требаат пари и не сака да ризикува да добие отказ. Истовремено, не може да го напушти кругот на фабриката по новиот бран на коронавирусот, заедо со уште две илјади колеги кои не се излезени од кругот на фабриката веќе еден месец.
Откако карантинот прво ги затвори сите фабрики, компаниите добија одобренија од властите да продолжат со работа, но под услов работникот кој влегува во кругот на фабриката повеќе да не ја напушта. Работниците се во таканаречен „балон“ и се смета дека така вирусот не може да се прошири во фабриките.
„Повеќето од 4.000 фирми на кои им е дозволено повторно да работат имаат клучна улога или се неизоставен дел од испораката во автомобилската, машиската, хемиската или фармацевтската индустрија“, рече Бетина Шоен-Беханзин, потпретседателка на Европската стопанска комора во Кина.
Шоен-Беханзин додава дека повеќето компании сега работат на третина или половина од капацитетот.
Околу една третина од компаниите во кои работниците сега се затворени се странски.
„Според нашите информации, во моментов не е можно да се сменат работници. На луѓето им е дозволено да излезат само во случај на болест. Можете да замислите колкав е психичкиот притисок“, додава Шоен-Беханзин.