Радио МОФ на МОТ: „Жолта линија“ и „Малечката“

Животот на просечната единка во капиталистичкото општество е темата која актерите од Загребачко казалиште младих ја обработуваат многу храбро (на моменти дури и дрско) во претставата „Жолта линија“. Во карактерите на двата главни лика, уметниците Хелена( Луција Шербеџија) и Пол (Горан Богдан), вметнати се оние типични карактеристики на веќе дехуманизираните луѓе на денешницата: отуѓени, неразбрани, „активистички“ настроени, бизарни, па дури и на моменти психички нестабилни.

„Жолта линија“ и „Малечката“ на МОТ

Жолтата линија во претставата е симбол на сите оние непишани правила и законски норми кои општеството му ги наметнува на поединецот, иронично, заради неговата заштита, добробит и развој. Проблемите настануваат кога оние похрабрите, општествено поосвестените ќе ја преминат жолтата линија и ќе ги скршат дотогашните парадигми за „правилно“ однесување. Тогаш несфатеноста и осаменоста го уништуваат и она малку разумно расудување. Така Хелена го изложува своето голо тело како аукциски предмет за да и помогне на демократијата, а Пол се одлучува на ослободување на една крава и нејзино носење во Северна Африка со авион. Носечката песна во претставата совршено ги доловува главните теми кои таа ги обработува:

„ Дојди со мене, онаму кадешто часовниците се точни секогаш.
Онаму кадешто има работа но и леб за тебе.
Онаму кадешто кравите не лутаат по улица.
Таму два и два се секогаш четири. “

Во претставата „Малечката“ е обработен еден малку поинтимен аспект на денешното општество – семејните врски. Станува збор за девојка силувана од својот брат, затворена поради земањето на правдата во свои раце и негово убивање, полудена од сите наметнати правила. Поради силната општествена критика, дури и нејзините родители повеќе не ја гледаат како своја ќерка – таа сепак е убиец на нивниот син првенец. Слепа од болка, безимената Малечка во своите соништа ја бара Љубовта – онаа голема, чиста и неприкосновена љубов која ќе и помогне да го излечи скршеното срце.

Малечката

На крајот разбира дека нема излез и дека никогаш нема да ја почувствува слободата повторно. Ја губи надежта која претходно ја одржуваше во живот и останува на издржување на доживотна затворска казна со празно срце и измешани, тажни мисли. Авторката и режисерка на претставата Sema Ali Erol совршено ја има доловено важноста на семејната топлина и влијанието на денешното општество врз оние најинтимните односи, а шестте актери од алтернативниот турски театар Tiyatro kumpanyasi беа одлични во претставувањето на 20-тина различни општествени прототипови.

Јована Ѓорѓиовска