Новата електронска книга на Никос Чаусидис, монографијата „Луристански стандарди – иконографија, семиотика и намена“, која е објавена во две засебни изданија, на македонски и англиски јазик ќе биде промовирана на 1 јуни, информира Центарот за истражување на предисторијата
Промоцијата ќе се одржи онлајн, преку платформата „Зум“ поради меѓународниот карактер на археолошките предмети на кои е посветена книгата.
„Со називот ‘луристански стандарди’ се означува една мошне голема и загадочна група бронзени предмети, со очевиден симболички т.е. култен карактер кои потекнуваат од доцното бронзено и од железното време. Пронајдени се во областа Луристан во западниот дел на денешен Иран од каде, во минатиот век, ќе доспеат во речиси сите позначајни светски музеи и приватни колекции“, посочуваат организаторите.
Монографиите се во издание на Центарот, на чија веб-страница, по промоцијата тие ќе можат слободно да се преземат.