Собранието на Република Северна Македонија конечно доби редизајнирана интернет-страница која обезбедува некои нови функционалности кои досега не беа достапни, а решени се и некои проблеми кои со години предизвикуваа тешкотии доколку граѓаните сакаа онлајн да ја следат работата на законодавниот дом.
Од она што може да се забележи при кратко разгледување на новиот сајт, освен визуелната промена новина е што сега, преку копчето „Е-парламент“, достапни се и информации за работата на собраниските комисии како и пратеничките прашања (и одговори). На ова место можат да се проверат и собраниските материјали, а да се добие и увид во кој статус се наоѓаат предложените закони и одлуки. Сајтот е соодветно оптимизиран и доколку кон него се пристапува од мобилен телефон.
Една од најкрупните промени е што собраниските седниците во живо конечно ќе може едноставно да се гледаат онлајн, откако сега започнаа да се емитуваат на Јутјуб. Претходниот вебсајт иако имаше копче „Собрание во живо“ нудеше видеопренос на седниците само преку пребарувачот Интернет Експлорер, нешто за што Радио МОФ претходно пишуваше.
Емитувањето на седниците преку Јутјуб нуди уште една предност за граѓаните. И покрај тоа што се пренесува во живо, овозможува враќање на видеото наназад во секој момент, па корисниците ќе можат едноставно да се навратат на некоја дискусија или точка на дневниот ред која им е од важност.
Она што е проблематично е што се забележува дека коментарите на видео-преносите од седниците се исклучени, односно оневозможено е граѓаните да коментираат на она што го гледаат и слушаат.
Подобрување има и во делот од сајтот на кој можат да се добијат информации за пратениците. Доколку кликнете на било кој од пратениците освен основните информации за датумот на раѓање, политичката партија на која припаѓа, контакт-мејл, како и собраниските комисии во кои членува, сега има и листа на неговите активности, како на пример поднесени закони или амандмани и поставени пратенички прашања.
Еден од проблемите кои ги воочивме разгледувајќи го новиот сајт е што веќе година и половина нема ново издание на собраниската публикација „Мојот пратеник“, во која полугодишно статистички се прикажуваа активностите на македонските пратеници, во поглед на тоа колку пати дискутирале, колку закони и амандмани поднеле и колку пратенички прашања поднеле. Последната ваква публикација е објавена за периодот август-декември 2020 година. Од Собранието не информираа дека во 2021 година немало објавени изданија од оваа публикација.
И покрај подобрувањето во поглед на интернет-страницата, Собранието и понатаму останува релативно неатрактивно во поглед на присуството на социјалните мрежи. И понатаму на официјалните Фејсбук и Твитер страници најчесто оваа институција објавува текстуални известувања за дневниот ред на седниците, или пак само ги реобјавува текстовите од соопштенијата кои ги доставува до медиумите. Објавите не изгледаат привлечни за око и ретко може да се забележи дека некој корисник оставил „лајк“, коментар, или пак некоја објава развила јавна дискусија. Инстаграм профил на Собранието воопшто не постои, иако сите последни истражувања ја посочуваат токму оваа социјална мрежа како најатрактивна за младите.
Проблемот со интернет страницата Sobranie.mk се провлекуваше со години наназад. Редизајнот на беше дел од стратешкиот план на Собранието за периодот 2020-2022, каде една од целите беше „отворен парламент“. За реализирање на оваа цел меѓу планираните активности се „реформа на собранискиот канал“ и „лесно пребарлива интернет страница и проактивно користење социјални мрежи“. Според Националниот акциски план за отворено владино партнерство (2018-2020 година), Собранието го посочува проблемот на недоволно споделување на содржини и документи од работата на институцијата во јавноста. Меѓу преземените задачи до крајот на 2021 година беше предвидена изработка на нова интернет страница на Собранието, како и зголемување на промоцијата на собраниските настани и активности од 30 до 60% на социјалните мрежи.
Даниел Евросимоски
Error 404: Младите во виртуелна реалност, Собранието заглавено на Интернет Експлорер