Во дворот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска се одржа мирен протест на професорите и членовите на Сојузот на синдикати на УКИМ, кои побараа покачување на платите на научните работници и ненаставниот кадар.
Претседателот на Сојузот на синдикати УКИМ, професорот Ангел Ристов посочи дека не е прифатен предлогот за покачување на платите најавен за од септември.
„Бараме најитно да се потпише нашиот колективен договор за којшто преговараме повеќе од една година за да се врати достоинството на научните работници и вработените на УКИМ. Бараме значително да се подобри нашата материјална положба со вистинско и систематско покачување, четиригодишно покачување за да дојдеме до достоинственото ниво на плати во регионот. Доколку ова наше барање, кое што е легитимно, разумно и оправдано, Владата не го прифати, тогаш нашиот следен собир ќе биде пред Владата“, истакна Ристов.
Во своето обраќање тој изјави дека македонските доценти имаат плата пониска од просечната плата во државава, па овој протест е за да се искаже револтот поради тешката материјална положба на вработените, дополнувајќи дека автономија без достоинствени плати е илузија.
„Владата се обидува со минимални покачувања најавени за нашите плати да ги задоволи барањата на нашата академска заедница и ненаставниот кадар. Тие покачувања веќе одамна инфлацијата неколку пати ги изеде. Денеска се покачи минималната плата, расте просечната плата, дека се зголемија платите на лекарите, на судиите, на обвинителите, на државните правобранители, и на голем број други професии во државата. Само ние вработените од УКИМ останавме заборавени“, посочи тој.
Одговарајќи на новинарско прашање, ректорот на „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, истакна дека поддршка по ова прашање, професорите и ненаставниот кадар од УКИМ имаат и од ректорската управа и универзитетскиот Сенат.
„Ректорската управа и Сенатот кој брои скоро 70 редовни членови дадоа поддршка за покачување на платата и испратени се дописи до Владата, Собранието и МОН во кои се укажува дека платите на вработените на УКИМ се ниски, со оглед дека имаше покачување на платите кај сите степени на образование. Вработените на Универзитетот се чувствуваат занемарени, со оглед дека платата на професорите е 39 илјади денари, буџетска плата, а од друга страна сите наставници од регионот имаат 1.500 евра, мислам дека е редно да се смогнат сили и да се направи нешто. Досегашниот колективен договор којшто е во функција од МОН доведе до покачувања кои се незначителни и фактички затоа се јави ова незадоволство“, изјави Јанкуловски.
На протестот, денеска свои обраќања имаа и претставничката на ненаставниот кадар, Габриела Анастасовска и професорот Зоран Киткањ од Филозофскиот факултет.
„Ние како ненаставен кадар имаме голема одговорност и грижа и како професорскиот кадар за да се реализира наставата на УКИМ. Владата знае дека отвора не одобрува нови работни места во делот на ненаставниот кадар. Тоа значи дека работиме и за двајца и за тројца. Од таа причина, ја молам Владата да погледне сериозно во очи со проблемите со кои се соочуваме. Нашата плата е од 18.000 до 25.000. Не е извршена нивелација на платите согласно со зголемување на минималната плата“, истакна Анастасовска.
Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела, по отвореното писмо на професорите од УКИМ, изјави дека покачување на платите веќе е планирано во Буџетот почнувајќи од септември, додавајќи дека предвиден е и раст и за инвестициите во образованието и науката.
„Го видов писмото од универзитетските професори и контактирав со нив и ги информирав дека покачувањето на платите е предвидено во Буџетот од септември. Точно е дека во целиот образовен сектор треба да се покачат платите и доколку го погледнете буџетот во тој дел ќе видите дека од година во година се зголемува износот во однос на платите во високото образование“, истакна премиерот Ковачевски.
Ивана Смилевска