Претставата „Народен непријател“ утре го отвора 56. македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што ќе се одигра во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Фестивал ќе трае до 9 јуни.
„Претставите ги одразуваат сегашните дострели на македонскиот театар, кој и тематски и формално ги испитува можностите за соочување со нашата загрижувачка стварност. Кога многумина помислуваат дека театарот замолкнал и дека не може да излезе накрај со камшикот на времето и со неправдите на локалните и глобалните силници, овие осум претстави сведочат дека театарот, сепак, не престанал да ги истражува и да ги покажува со јазикот на сценската игра двете најсуштински димензии на човекот – слободата и достоинството. Избрани се претстави од голем формат и со силен режисерски печат. Официјалната програма на овој најзначаен домашен театарски фестивал во 2022 година ќе овозможи да се гледа театар што го премостува хијатусот на затворањата и стравот. Тоа е театар што нуди критички и отрезнувачки поглед кон самите нас“, вели селекторот Додовски.
Во официјалната програма на театарскиoт фестивал селектирана од Иван Додовски влегуваат и претставите:
- „Артуро Уи“ од Бертолт Брехт, во режија на Ќендрим Ријани, во изведба на Народниот театар од Битола,
- „Бракот на Марија Браун“ од Рајнер Вернер Фасбиндер, во режија на Драгана Таневска, во изведба на Народниот театар од Струмица,
- „Вишновата градина“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Владимир Милчин, во изведба на Турскиот театар од Скопје,
- „Декамерон“ според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски, во изведба на Народниот театар од Прилеп,
- „Јазли“ од Рефет Абази, во режија на Куштрим Бектеши, во изведба на Албанскиот театар од Скопје,
- „Клетвата на Скотје“ од Нил Сајмон, во режија на Синиша Евтимов, во изведба на Театар Комедија од Скопје,
- „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје,
- „Се викам Горан Стефановски, во режија на Бранислав Миќуновиќ, во изведба на Драмски театар од Скопје.