Општините Чаир, Куманово, Аеродром и Кисела Вода тргнаа во мини офанзива за реализација на младински еколошки барања, откако „Go Green“ (Биди зелен) на ланските локални избори ги задолжи кандидатите за градоначалници да потпишат меморандум за соработка. Иницијативата стартуваше преку прашалник „Мој предлог за зелена општина“, млади даваа идеи за поеколошки маала, па четирите општини размислуваа за нови велосипедски патеки, садови за отпад или паркови. Од друга страна, засега во општините недостасуваат младински совети за да можат зелените политики да бидат одржливи на долг рок. Односно, во фокусот на ваквите политики да бидат токму младите – како нивни застапници.
Од „Go Green“ се задоволни што по неколку барања веќе се испорачани од општините, иако доцни формирањето на младинската инфраструктура. За Радио МОФ објаснуваат, имале средби со општински претставици и увиделе дека во Чаир е поставен фотоволтаичен кров. За годинава вакви кровови ќе има во уште три основни школи и една градинка, а за наредната 2023 – во уште четири.
„Во план на реализација се вертикални градини во основни училишта и градинки“, велат од „Go Green“.
Во Куманово се поставени 10 контејнери на улица „11 Ноември, како конкретно младинско барање. Исто така и 16 контејнери во Горно Коњаре. Во план е велосипедска патека на улица „Доне Божинов“, но и изготовка на план за одржлива урбана мобилност на Куманово, каде ќе влезет и вело-патеки на улици што го побарале и младите.
„Најавен е и Градски парк и Смарт парк, со лед и соларни светла. Значи, размислуваат и за поголеми зелени површини и енергетско-ефикасна технологија во парковите“, посочуваат од „Go Green“.
Во поглед на Аеродром, таму се поставуваат столпчиња на тротоари. Последно ставиле кај „Тобако 2“. Општинарите им се пофалиле дека укинале маркици за згради за да се оззелени Ново Лисиче, каде се работи и на системи за полевање.
„Ова важи за четири делови, од кои претходно имало интсталирано систем за полевање само на еден. Па, проблем беше да се засадат дрвја и зеленило. Постои и барање да се среди каналот во Лисиче. Тоа е средено заедно со Град Скопје“, велат од организацијата.
За Кисела Вода, во рамки на ново зеленило и велосипедски патеки, сега за сега фокусот е ставен во Црниче и Пржино, каде се врши реконтрукција на сите улици. Таму ќе има велосипедска патека на „Наум Охридски“.
„Требаше да биде во мај, но очигледно е одложено. Исто така, Пржино имаат укинато неколку маркици кај месната заедница, каде наместо згради ќе се прави парк, како дополнително зеленило во населбата“, посочуваат од „Go Green“.
И за Аеродром, и за Кисела Вода, заедничко е што имаат план за селекција за отпад. Соработуваат со социјалното претпријатие „РЕДИ“, кое за граѓаните овозможува примарна селекција во нивните згради. Воедно, „РЕДИ“ се формираше за да се подобри животниот стандард и работата на неформалните собирачи на отпад.
„Општините го поддржуваат концептот. Поради недостаток на капацитет, или немање услови на терен, го нудат овој модел со социјално претпријатие. Бидејќи сакаат да им се намали комуналниот отпад во контејнерите, да има помалку отпад на депониите и да ја подигнат свеста за селекција на пластика и хартија“, велат тие.
Општ заклучок на еко-активистите е големиот проблем со општинските депонии. Односно, постои потреба за едукација да не се прават нови „црни точки“, веднаш откако ќе бидат исчистени. Или пак, да не се уништува инфраструктура и контејнери.
„Пример, во Куманово постојано се случува вандализам. Од контејнерите се краделе и металните тркалца“, забележуваат „Go Green“.
Во поглед на доцнењето на младинската инфраструктура, тие забележуваат дека само во Кисела Вода има формирано младински совет, иако засега немаат претстава колку и како тој функционира. Радио МОФ веќе пишуваше дека младинските совети се предвидени според Законот за млади, но тие бавно се спроведуват, исто како и младинските центри, канцелариите за млади, локална и национална стратегија за млади…
„Лани се надевавме дека ќе имаме постојани младински совети што ќе се унапредуваат, сами ќе функционираат, а не ние се’ уште да го модерираме процесот. Целта е да ги зајакнеме младинските совети за да бидат во склад со животната средина. Да имаат основни познавања што значи заштита, почитување и унапредување на животната средина, борба со климатските промени, адаптација… Меѓутоа, тоа истото го правиме и со младинските организации од општините. Тоа е претстојна активност, после летото. Бидејќи, откако ќе се воспостави таквата инфраструктура, младите континуирано преку локалниот совет да лобираат и промовираат зелени барања. Независно дали утре ќе биде ‘Go Green’, во рамки на младинската инфраструктура да има заложби, застапување за зелени политики – од младите. Тоа ни е крајната цел. Меѓувремено, ќе следиме како ќе се реализираат и останатите барања“, потенцираат од организацијата.
Бојан Шашевски