Изложбата „Цртање приказни“ која прикажува стрипови од седум автори со особен фокус на нивните стрип-дела работени по мотивите на современи македонски писатели или во комплетно авторство, ќе биде отворена денес, на 7 јуни во Младинскиот културен центар.
Изложбата ќе се отвори во 2о часот, а посетителите ќе имаат можност да видат стрипови од автори од повеќе генерации. На изложбата ќе бидат претставени дела од Иванка Апостолова, Гаја Смилевска, Матеј Богдановски, Вук Митевски, Иван Ивановски и Ѓорѓе Јовановиќ.
„Набљудувајќи го стрипот не само како визуелен, туку и како општествен факт, преку оваа изложба настојуваме да го прошириме погледот на можните начини на презентирање и промовирање на стриповите, притоа отворајќи простор за дискусија за продукцијата, пред сѐ на некомерцијалните, авторски стрипови“, објаснуваат организаторите.
Тие дополнуваат дека токму авторскиот стрип се позиционираше како составен дел на визуелната култура и воопшто на културната продукција, па затоа треба да продолжи да се афирмира и да се подига неговата свест не само за уметничките, туку и за комуникациските и едукативните потенцијали.
Изложбата ќе биде отворена до 16 јуни.