Четвртото издание на „Златна рамка“, филмската ревија на македонската продукција во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) годинава ќе се одржи од 9 до 12 јуни во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.
Во „Фросина“ ќе бидат прикажани филмовите „Сестри“ во режија на Дина Дума, „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи, „Сокриениот“ во режија на Арсим Фазлија, документарниот филм „Брод полн со бисери“ во режија на Александар Зиков и краткометражните филмови „Северен пол“ во режија на Марија Апчевска, „Баскет“ во режија на Димитар Банов, „Денот кога сакав да умрам“, во режија на Петар Џуровски, „Касапот“ во режија на Илчо Царовски и „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ.
„За разлика од претходните три изданија на филмската ревија „Златна рамка“, која претставува годишен преглед на домашната филмска продукција во една календарска година, ова издание е проширено и со дополнителна работна програма со интернационални гости, која ќе биде одржана во хотелот „Александар
Палас“, инфромираат од ДФРМ
Програмата ќе ја отвори проекцијата на филмот „Брод полн со бисери“ на 9 јуни (четврток) во 19:00 часот, потоа на 10 јуни исто од 19:00 часот ќе бида преоктирани краткометражните фимови и на 11 јуни од 17:00 часот ќе започне емитувањето на долгометражните филмови. Влезот е бесплатен за сите посетители.
Друштвото на филмски работници ќе им ги додели почесните награди на филмскиот актер Сашко
Коцев, филмскиот работник Бранко Петровски и на филмскиот автор Кирил Спасески Кикиќ, а за првпат ќе биде доделена и почесна награда на странски автор, која оваа година ќе му биде врачена на филмскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ.
Гала настанот за доделување на наградите со присуство на странски гости ќе се одржи на 9. јуни во хотелот „Александар Палас“, со почеток во 20 часот. Во рамките на „Златна рамка“, покрај ревијата на македонски филмови од изминатата година, ќе биде одржана и интернационалната конференција насловена „Модели на финансирање и легислатива-регионална соработка, можности и унапредување“ на која ќе учествуваат директори на национални филмски фондови и продуценти од десет земји, меѓу кои Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Кипар и Турција.
„Исто така, оваа година за прв пат во рамки на четвртото издание на „Златна рамка“, ДФРМ
организира проекции на филмови во Казнено-поправниот дом за публиката која од најразлични
социјални ограничувања не може да го посети киното „Фросина“. Оваа социјално одговорна програма е иницијатива на „Златна рамка“ и ќе се практикува и во иднина“, велат од Друштвото на филмски работници.