„Во 1989, јас и сопругот Томаш Садовски, кога дојде до колапс на комуниститчкиот систем и многу луѓе останаа без работа одлучивме дека на Полска и се потребни нови можности. Така се роди идејата за започнување нов живот, ние да се преселиме во напуштен објект заедно со нашите две мали деца и триесетмина поранешни зависници од дроги, за да му покажеме на општеството дека и овие луѓе што не добиваа шанса да се вработат на пазарот на трудот – можат да придонесат за социјален импакт и да работат за постигнување на социјална цел“, сподели Барбара Садовска, основачка на „Барка“ воедно и експертка за социјално претприемништво на денешниот брифинг за новинари за проектот „Поддршка за социјалните претпријатија“.
Барбара и Томаш започнале со реконструкција на напуштениот објект, што отворило можност за нов живот и работно ангжирање на социјално исклучените лица. Мисијата продолжува со приклучување на уште повеќе луѓе, проширување и на други локации, за потоа нивните напори да се препознаат од државата и да се донесе Закон за социјални претпријатија во Полска. За нивната дејност зборува и филмот „БАРКА – извор на живот“ во режија на Небојша Јовановиќ, а во продукција на фестивалот „Киненова“.
Приказната на основачите на „Барка“ е значаен пример дека ваквиот модел може успешно да функционира и во Македонија, а социјалното претприемништво да донесе бенефити и за младите.
„Младите треба да знаат дека и тие може да решаваат важни проблеми. Можеби е тоа за едуцирање на луѓе кои немале шанса за продолжување на едукацијата или недостаток на специфични продавници со производи за млади. Тие може да размислуваат како да имплементираат ваква идеи што ќе се реализира со ангажирање на лица со попреченост или припадници на другите групи и искористување на грантови од државата. Денес не мора да го прават она што го направивме јас и Томас, туку потребно е само да размислуваат, а владата да помогне за нивна реализација“, посочи Барбара.
Од Центарот за социјални претпријатија посочуваат дека социјалното претприемништво претставува рамка на вработување на лица што не можат да го најдат своето место на пазарот на трудот во општествениот, владиниот или невладиниот сектор. Се работи за модел што може да подари можност и на лицата со атипичен развој, зависниците, но и сите оние кои имаат иновативна идеја за започнување на бизнис што ќе има континуирана активност и продавање на производи и услуги, социјална цел и импакт.
Пример за функционирање на модулот социјално претпријатие кај нас е Академијата за реинтеграција на маргинализирани лица – идеја на здружението „Избор“ од Струмица. Тоа нуди рехабилитација и обука за стекнување на работни вештини на зависници и притоа дава можност самите да работат на производство на зеленчук и овошје и да конзервираат храна со цел нивна реинтеграција во општеството.
„Во моментов се работи на подготовка на Законот за социјални претпријатија, кој ќе ги адресира проблемите на социјалните претпријатија – дефинирање на потребните критериуми за да се регистрираат како социјални претпријатија, постоење на законска рамка, за да може непречено да функционираат, финансиски придобивки – со фискални и парафискални придобивки. Законот ќе овозможи поголем кредибилитет на социјалните претпријатија и зголемена привлечност на истити како модел на стартап, снабдувач на услуги и како можност за инвестирање“, велат од Центарот.
Истражување што го спроведе Центарот за социјални претпријатија Скопје покажува дека социјалните претпријатија вработуваат и млади луѓе до 25 години кои имаат интерес да понудат иновативни идеи за социјална намена. Една младинска иницијатива предлага пензионираните професори во Македонија да држат часови на ученици и студенти како би имале поголем надоместок, а би го понудиле своето знаење.
„Секторот на социјалното претприемништво е простор за младите да ја искористат својата инспирација за етаблирање на претприемачка идеја што може да биде од голема социјална важност и истото за многу кратко може да стане реалност, тука во Македонија бидејќи донесувањето на Законот е на повидок“, посочи Барбара.
Инаку, на денешниот настан беше споменато и дека социјалното претприемништво станува се’ попопуларно и и бројот на социјални претпријатија е во постојан подем. Во Европската унија има приближно 397.000 социјални претпријатија, со тоа што бројката варира од една до друга земја. Денес, социјалната економија обезбедува повеќе од 13,6 милиони платени работни места, вклучува над 82,8 милиони волонтери и 232 милиони членови.
Ангела Бошкоска