Најмалку еден балкански рис секоја година страда од криволовци, објави „Мета“.
Во земјава се останати само уште околу 35 возрасни единки од ова прекрасно животно. Во околните земји Албанија и Косово има уште петнаесетина рисови, бројка што укажува на фактот дека опстанокот на дивата мачка е сериозно загрозен и ја става на листата на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) со статус на критично загрозено животно.
Една од најголемите закани за опстанокот на балканскиот рис е криволовот и тоа не само на дивата мачка, туку и на неговиот главен плен, срната и дивокозата. Узурпацијата на пределите каде што гравитира, уништувањето на шумите и градењето на инфраструктурни објекти без да се обезбедат зелени коридори за негово безбедно движење, се дополнителни ризици кои го доведуваат во прашање опстанокот на малубројната популација на животното.
Заштитата на балканскиот рис и зголемувањето на неговата бројност во последните десетина години е една од главните активности на Македонското еколошко друштво. Во овој период обезбедени се многу податоци за хабитатот, движењето и начинот на исхрана на балканскиот рис, за кој пред петнаесетина години многу малку се знаело. Во последните три години заловени се и седум возрасни рисови на кои им се ставени околувратници за да им се следи движењето.
11 јуни е Меѓународниот ден на рисот, што во земјава МЕД го одбележува со низа едукативни настани за деца во Националниот парк „Маврово“.
Диме Меловски од МЕД вели дека во земјава токму Маврово е центарот на живеалиштето на рисот. Во изминативе години друштвото активно соработува со паркот како и со пет пилот ловишта околу Маврово, а ловџиите се вклучуваат во заштитата и мониторингот на рисот.
„Еден рис годишно во Македонија е цел на криволов. Иако долго време работиме, оваа практика тешко се искоренува, дури и во најразвиените држави. Работиме и на подобрување на управувањето со заштитените подрачја и решавање на проблемот со кучињата скитници кои се голема закана за пленот на рисот, но и на другите животни“, посочува Меловски.
Тој вели дека МЕД работи и на подобрување на законите кои го тангираат рисот, како што се законите за ловство и за шуми, како и на соработката со институциите кои треба да дадат поголем придонес во заштитата на загрозените животни.
„Заштитата на биодиверзитетот е една од стратешките цели на државата, а со тоа и заштитата на рисот. Заради тоа треба институциите треба да имаат повеќе слух, повеќе и поактивно да се вклучат, да соработуваат меѓусебе и да најдат начин да спроведат одржливо финансирање на заштитата на рисот, но и на неговиот плен кој е неопходен за неговиот опстанок. Сите средства во изминатите 16 години откако постои програмата се странски донации“, вели Меловски.
Посочува дека заедно со Министерството за животна средина ќе работат на креирање на заеднички Акционен план за следните десет години во кој ќе се предвидат какви активности ќе треба да се планираат за да се заштити популацијата на рисот, но дека неопходно е и вклучувањето на Министерството за земјоделство, особено Секторот за ловство.
Од Министерството за животна средина информираат дека според листите за утврдување на строго заштитени и заштитени диви видови во земјава, Lynx lynx balcanicus се наоѓа на листа 1- Строго заштитени диви видови, а според Законот за ловството рисот претставува дивеч за кој трајно се забранува ловење. Во ноември 2015 година рисот е вклучен и во категоријата критично загрозен вид според критериумите на IUCN.
„Државата има обврска да обезбеди поволна состојба на зачуваност на живелиштата и видовите. Согласно ЕУ Директивата за живеалишта, Министерството за животна средина и просторно планирање има обврска да воспостави НАТУРА 2000 подрачја и за рисот. Првичните истражувања ги идентификуваа природните живеалишта, а во наредните две години ќе се направат детални теренски истражувања во рамки на ИПА проектот за да се одреди Натура 2000 подрачје за рисот“, велат во Министерството.