Град Скопје објави јавен повик за субвенционирање на граѓани за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување за 2022 година, на кој може да се аплицира и онлајн, соопштија од Град Скопје. Во буџетот на градот за оваа намена се предвидени 24 милиони денари.
Оттаму посочија дека на повикот може да аплицираат лица што набавиле инвертер клима уреди почнувајќи од 1 јануари годинава, а се жители на Град Скопје, односно општините во градот и кои ги исполнуваат предвидените услови. Повикот е отворен до 1 ноември или до денот на исцрпување на средствата.
„Јавниот повик ќе се реализира по редослед на аплицирање, односно по дата и време на аплицирање и по испратена потврда за предадена печка. Согласно условите од јавниот повик граѓаните за да добијат субвенции за инвертери ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари“, велат од Град Скопје.
Истовремено, тие посочија дека на јавниот повик право на учество немаат жителите, односно домаќинствата кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење без оглед на тоа дали го користат, како и лица кои претходно добиле субвенции за набавка на печки на пелети или инвертери.
Документацијата потребна за онлајн аплицирање e достапна на веб-страницата на градот, а аплицирањето се врши преку Националниот портал за е-Услуги. Повеќе информации за јавниот повик се достапни на македонски и албански јазик.
Субвенциите се дел од мерките кои Град Скопје ги има предвидено во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Градот.
„Согласно со многубројните истражувања за квалитетот на воздухот во Скопје најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5 честичките има затоплувањето на домовите кои немаат централно греење. Ова се јавува, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, лошиот квалитет на дрвото, начинот на неговото чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки. Инвертерите за затоплување се економични, еколошки, не користат фосилни горива, а истовремено се ефикасни при затоплувањето на домовите“, велат од Град Скопје.