Поради високата цена и слабата информираност, младите девојки ја избегнуваат модерната контрацепција, а само 1,3% од оние до 29 години употребуваат орална заштита. Ова беше истакнато за време на младинската конференција „Како да им се обезбеди модерна контрацепција на младите“ која денеска се оржа во Скопје. Според Даниел Калајџиески од ХЕРА, голем проблем е тоа што и покрај најавите, контрацепцијата не е на товар на Фондот за здравство и осигурување, па сето ова ги одвраќа младите од нејзино користење.
„Има две важни прашања кога зборуваме за контрацепција, кои што треба да се разгледаат дали има достапност и дали таа е пристапна, или дали младите можат да си ја дозволат . Ние знаме едека во секоја аптека во македонија може да се појде и да се купи, меѓутоа дали е таа достапна на младите ако ја имаме во предвид цената на колку тоа чини и дали еден млад човек средношколец или студент има можност да си дозволи да си одвое од сопствениот буџет за набавување на контрацепција.“ вели Даниел.
Од Хера дополнително реагираат и на тоа што, иако со националните програми се предвидува воведување орална хормонска контрацепција на позитивна листа, но и посебни програми со кои што ќе се обезбеди и за ранливите и социјално исклучени категории на граѓани, досега не е ништо направено.
За Драгана Дрндаревска, од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, причината за слабата употреба на контрацепцијата кај младите е тоа што сексот останува табу тема, а сексуалното образование го нема како предмет во училиштата.
„Едноставно сексот е табу тема, а не пак модерната контрацепција од причина што нема од каде да ги дознаат тие информации. Во домот не се говори во образованието не се говори на тв не гледатт за употреба на контрацепција туку се едуцираат дека е нормално да имаш 3-4 деца што претставува сосема друг дискурс од употреба на контрацепција“, забележува Дрндаревска.
На нашиот пазар има широк дијапазон на контрацепција, вели гинекологот, д-р Татјана Гуржановска, но младите се недоволно неинформирани.
„Дезинформациите се најголем проблем – посегнување на некое средство во своја рака е проблем. Самата едукација во користење на контрацепција е голем проблем“, забележува Гуржановска.
Денешната конференција беше одржана во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден за контрацепција, а со цел да ја зголеми информираноста за овој проблем, но и да порача дека секоја бременост треба да биде посакувана.