На 16 јуни (четврток) во Културно информативниот центар (КИЦ) Скопје ќе се одржи промоција на книгата „Кутикула“ од Будимка Поповска. Промоцијата ќе започне во 19 часот и 19 минути во Салон 19:19 во КИЦ.
„’Кутикула’ е збирка прозни записи настанати во едно време – невреме во кое духот на времето загатна еден куп неразрешени егзистенцијални загатки, на кои, за жал или за среќа, не постојат книжевни одговори. Одговори запишани во книга коишто чекаат таму некој да ја отвори и да добие готов увид во решенијата и се обидува да го долови тоа сознание, дека секој човек е индивидуа којашто мора сама да дојде до клучните одговори во животот од коишто зависи нејзиниот опстанок и развој“, се посочува во најавата за настанот.
Книгата ќе биде претставена со осврт на Тихомир Јанчовски, посочуваат организаторите и додаваат дека делови од книгата ќе чита Будимка Поповска, а ќе има и музичка изведба на Ѓоко Здравески.
Поповска студирала класична филологија на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Во периодот од 1996 до 2015 живеела во манастир, каде што ја изучувала старата македонска школа на цртање икони. Истовремено, таа го уредувала списанието за духовни вредности „Премин“, од 2000 до 2012 година и учествувала во бројни телевизиски и радио документарни емисии од областа на духовноста.
Живее во Скопје и работи како иконописец и колумнист, фриленсер во македонската периодика. Поповска досега има објавено неколку книги поезија, есеи и раскази.