Сите посетители кои веќе купиле карта за летниот музички фестивал „Sunny hill“, ќе имаат можност за повраток на средствата, откако организаторите ја сменија локацијата на фестивалот.
Наместо во Косово, овогодишното издание на фестивалот ќе се одржи во главниот град на Албанија, Тирана, од 4 до 7 август.
Според соопштенијата објавени на социјалните мрежи на фестивалот, причината за менување на локацијата е ненавременото издавање на дозволи и лиценци за користење на локацијата од страна локалните власти.
„Сакаме да ве информираме дека сите оние кои веќе купиле билети ќе добијат повраток на средствата, а веќе купените билети ќе важат и за новата локација. Сите кои сакаат да добијат рефундација тоа ќе може да го направат од 1 јули до 15 јули“, се вели во соопштението.
View this post on Instagram
Фестивалот „Sunny hill“ е најголем музички фестивал во Косово, кој во 2018 година беше основан од Дуа Липа и нејзиниот таткo Дукаѓин Липа. Во 2018 и 2019 година фестивалот се одржа во паркот „Гермиа“ во Приштина.
„Наместо поддршка, барањето за локацијата стана политичка одлука, а правните рокови беа пропуштени. Поради тоа немаме законска дозвола со која ќе можеме да го одржиме фестивалот во Приштина“, напишал Липа во писмо до косовскиот претседател Вјоса Османи, премиерот Албин Курти, министрите и градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама.
„Balkan Insight“ објави дека во писмото, Липа за релокацијата на музичкиот настан ги обвинува „бројните застои поради неодговорност на локалните власти и пропуштената лиценца за користење на просторот“.
Тој повикал косовските институции да го финализираат процесот за издавање за земјиштето, за фестивалот да може да се врати на првичната локација во 2023 година.