Три проекции на филмот „Welcome to Norway“ ќе бидат прикажани по повод на Светскиот ден на бегалците, 20 јуни. Проекциите ќе бидат емитувани во просториите на Europe House во Скопје, Струмица и Крива Паланка, во организација на Младински образовен форум (МОФ).
Филмот е во режија на Rune Denstad Langlo. Скопската проекција на филмот ќе се одржи на 20 јуни со почеток во 19 и 30 часот, струмичката на 22 јуни во 18 часот, додека проекцијата во Крива Паланка ќе се одржи на 23 јуни со почеток во 19 и 30 часот.
„Под ризик да ги загуби и хотелот и семејството, главниот јунак добива идеја која би решила се: тој го претвора хотелот во центар за азил на бегалци и покрај неговиот општ скептицизам кон нив. Но, кога првиот автобус натоварен со баратели на азил пристигнува во неговиот стар хотел, предизвиците почнуваат. Педесет премрзнати бегалци, еден оптимистичен Африканец, норвешката Дирекција за имиграција, депресивна сопруга и ќерка тинејџерка брзо стануваат голем товар“, гласи кусото филмско сиже.
По завршувањето на филмската проекција, најавена е модерирана дискусија на која учесниците ќе можат да разменат мислења и ставови околу содржината на филмот, како и да поразговараат повеќе околу различни теми поврзани со мигрантите, бегалците и барателите на азил.
Сите заинтересирани своето присуство треба задолжително да го пополнат формуларот за присуство, најдоцна до понеделник во 12 часот напладне.