Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) официјално забрани натпреварување на трансродовите жени во женски натпревари по пливање, јавува „Еуроњуз“.
Членовите на ФИНА прифатија нова политика за родова инклузија, која дозволува трансродови жени во женските натпреварувања само доколку направиле транзиција пред да наполнат 12 години.
Од организацијата исто така предложија „отворена натпреварувачка категорија“.
„Оваа одлука не иницира кон охрабрување на луѓето да тразитираат пред 12 години. Тоа е тоа што го велат научниците, дека ако направите транзиција по почетокот на пубертетот, вие имате предност, што е навистина нефер“, вели Џејмс Пирс, потпарол на претседателот на ФИНА.
Во однос на отворената категорија, Пирс додава дека тоа е нешто што од утре ќе започне да се дискутира.
„Никој не знае како точно ова функционира. Ние треба да вклучиме повеќе различни луѓе, не изоставувајќи ги и трансродовите спортисти, за да работиме заедно на тоа како може ова да функционира. Сè уште нема детали како ова ќе изгледа и затоа ќе почнеме да дискутираме од утре“, рече Пирс.
71,5 отсто од членовите гласаа за новодонесената одлука, откако ги слушнаа презентациите на трите специјализирани групи што работеа на усвојување на политиката според инструкциите дадени од Меѓународниот олимписки комитет во ноември минатата година. На излагањето презентираа група спортисти, група за наука и медицина и група за правни и човекови права.
Здруженијата и организациите за поддршка на правата на ЛГБТИ+ заедницата велат дека ваквата одлука е дискриминаторска, навредлива и не се совпаѓа со науката.
„Со новите критериуми за учество во женската категорија ќе се контролираат телата на сите жени и овие критериуми нема да можат да се спроведуваат без сериозно нарушување на приватноста и човековите права на спортистите кои сакаат да се натпреваруваат во женската категорија“, изјави Ен Либерман од „Athlete Ally“, непрофитна организација што с залага за правата на ЛГБТИ+ спортистите.