Младите девојки се уште тешко одлучуваат да одат на гинеколог, паѓа старосната граница за првиот сексуален контакт, недостига љубов кај младите, вели гинекологот, д-р Татјана Гуржанова. Во интервју за Радио МОФ, таа зборува за контрацепцијата, сексуалното образование и неинформираноста.
„Младите нештата треба да ги прават од љубов, а не од корист или од мода“, вели д-р Гуржанова.
Имаат ли навика младите девојки да одат на гинеколог, кога и зошто за првпат доаѓаат кај вас?
За жал, кај девојките недоволно е развиена свеста за потребата да се оди на гинеколог. Првата посета на гинеколог најчесто се случува откако ќе настапи бременоста, иако се препорачува редовните посети на гинеколог да започнат најдоцна две години по започнување на сексуалниот живот. Но, посета на гинеколог се препорачува и пред почетокот на сексуалниот живот, со цел девојките квалитетно да се информираат за средствата за контрацепција и за најдобрите начини на заштита, како од несакана бременост така и од сексуално преносливи болести.
Колку младите се запознаени со контрацепцијата, што користат, од каде се информираат?
Младите најчесто се информираат преку интернет порталите, што не мора да значи дека конзумираат релевантни информации. Покрај тоа девојките имаат навика да ги практикуваат советите на своите другарки, нешто што е сосема погрешно. Најдобар начин на стекнување на точни информации претставува консултирањето со стручни лица како што се општите лекари или уште подобро, гинеколозите или пак да посетуваат портали на кои пишуваат стручните лица.
Младите се жалат: кондомите не се евтини, таблетите се скапи. Како гледате Вие на ова, какви се светските искуства?
Нашата борба оди кон тоа да се добие позитивна листа на лекови кои ќе понудат квалитетна заштита и досега сме задоволни од постигнатите резултати. Им порачувам на младите да се запрашаат колку пари дневно трошат за цигари, алкохол и кафиња. Доколку дел од тие пари ги вложат во заштита на своето репродуктивно, а воедно и психичко здравје, верувам дека младите ќе ги намалат проблемите со кои се соочуваат.
Со оглед на тоа што работите со млади луѓе, потребно ли е воведување на сексуалното образование. Колку се запознаени младите за тоа како да го зачуваат своето здравје?
Потребата од сексуално образование е апсолутна. Ние веќе три години вршиме сексуална едукација на младите во училиштата како дел од караванот за сексуална едукација, со која се обидуваме прецизно да ги запознаеме со сите аспекти на сексуалниот живот. На предавањата ние не апелираме за рано започнување на сексуалниот живот, како што многу родители помислуваат, туку напротив, ние се залагаме за апстиненција на младите, односно за започнување на сексуалниот живот на правилна возраст.
Законот за абортус силно одекна во јавноста изминатиов период. Невладините беа гласни, но лекарите се повлекоа. Каков е вашиот став за последните измените, колку е можеби опасно да се бирократизира ова право?
Можеби никој не се обиде убаво да го објасни законот за абортус. Измените настапија во делот на поголемите абортуси, а кај помалите абортуси, оние до десеттата недела не се бара согласност од партнерот, туку правото на абортус за понежниот пол е апсолутно. Целта не е да се ограничи правото на жената, целта е да има подобро сексуална едукација, цел е навреме да се спречат непосакуваните последици како непланирана бременост, цел е да се минимизира бројот на абортуси, затоа што абортусот е еден мачен процес за секоја жена.
Според вашето искуство, се поместува ли границата кога младите за првпат стапуваат во сексуален однос?
Границата нагло се поместува. Секоја година оди се подолу и подолу. На светско ниво, границата на стапување во сексуален однос е 15 години, што е прениско. Децата едноставно на таа возраст не треба да имаат сексуални односи. Хормонално можеби се спремни, но психички дефинитивно не се спремни, и дефинитивно е нужно да се покачи оваа граница. Кај нас недостасува љубовта. Младите нештата треба да ги прават од љубов, а не од корист или од мода. Време е да се вратат вистинските вредности.
Роберт Димковски
Сунаи Сабриоски