120 празни столчиња на булеварот пред Собранието на Северна Македонија, по еден за секој пратеник, утрово поставија од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на првиот ден од генералниот штрајк со кој работниците во јавниот сектор бараат поголеми плати.
Од ССМ најавија дека од 10 часот на ова место ќе има собир на кој работниците ќе го изразат своето незадоволство, а булеварот ќе биде блокирана до 14 часот.
Синдикалците бараат зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари и утврдено право на регрес за годишен одмор во висина од 30% до 100% од основицата.
„И покрај неколкуте одржани состаноци на кои беше договорено дека потпишувањето на Општиот колективен договор за јавниот сектор со утврдено зголемување на платите согласно барањата на ССМ и утврдување на методологија за понатамошно зголемување на платите во јавниот сектор ќе се случи со ребалансот на буџетот, но за жал Сојузот на синдикатите на Македонија го разгледа Предлогот за изменување и дополнување на буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година (…) и покрај договореното не се предвидени финансиски средства за усогласување на платите на вработените во јавниот сектор и на таков начин се прави груб обид за изигрување на вработените во јавниот сектор за усогласување на нивните плати“, стои во повикот за штрајк.
Од ССМ посочија дека штрајкот ќе се одвива со присуство на работниците на своите работни места, со прекин на работниот процес во работно време во органите на државната и локалната власт и другите државни органи, институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, армијата, полицијата, пожарникарите како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, со минимум од процесот на работа за овозможување обновување на работата по завршување на штрајкот, односно со цел за вршење на работите кои се неопходно потребни заради спречување на загрозување на животот, личната сигурност или здравјето на граѓаните и тоа:
• за извршување на административно технички работи со расположлив капацитет од 10 % од вработените во јавен сектор
• заради спречување на загрозување на животот со 10 % од вработените во јавниот сектор и кои ракуваат со механизацијата и основните средства
• заради спречување на загрозување на личната сигурност со 10 % од вработените во јавниот сектор и кои ракуваат со механизацијата и основните средства
• заради спречување на загрозување на здравјето на граѓаните со 10% од вработените во јавниот сектор и кои ракуваат со основни средства
• минимум непречено извршување на функциите за да не се попречуваат итните постапки
Вработените во јавен сектор од 10 до 11 часот ќе застанат надвор пред просториите на работодавачот.
Синдикатите утре протестот ќе го преселат пред Владата, каде со 21 празно столче, за секој министер, ќе го блокираат сообраќајот на булеварот „Илинденска“.
Од ССМ напоменуваат дека нивните барања засегаат околу 138 илјади вработени во јавниот сектор.