Зелените работни места имаат огромен потенцијал да обезбедат развој, а со тоа и да го намалат одливот на младите од С. Македонија. Изобилието на сонце, плодна почва, недопрена природа, како потенцијал за производство на здрава храна и развој на еколошки туризам, каде се нуди искусување на чиста природа и природни реткости, искористување на потенцијалите на локалните заедници и традиционалните практики и нивна промоција како туристички вредности, се дел од работните места на иднината. Тие се во согласност со циркуларната економија и обезбедуваат зелен развој, без кој нема да обезбедиме одржлива иднина за идните генерации, пренесува Мета.
Сепак, прилагодувањето на политиките за вработување со потребите на пазарот на трудот во земјава доцнат, а се поголем број млади квалификувани, но и неквалификувани кадри, обезбедувањето на егзистенција и сигурна иднина го бараат надвор од земјата.
Проактивноста на младите мора да се поттикнува и негува, бидејќи чекањето работно место нема да ни донесе напредок, смета Невена Смилевска од Еко свест и додава дека младите мораат самите да ги создаваат своите опции, а обврска на донесувачите на одлуки е да го овозможат и олеснат тоа.
„Доколку сакаме развој, младите треба да сакаат да останат овде, а за да сакаат да останат овде неопходно е да им се овозможат квалитетни работни места кои ќе придонесуваат кон развојот, критериум кој зелените работни места одлично го исполнуваат. Најдобра опција која истовремено ги исполнува барањата на Зелената агенда за Западен Балкан и ни носи напредок е да се насочиме кон зелен развој, зелена или циркуларна економија, одржливо производство на храна и локален развој“, вели Смилевска.
Според Двогодишниот извештај за климатски промени објавен во 2018 година од Министерството за животна средина и просторно планирање, до 2035 година во земјава се очекува да се отворат најмалку 6,200 зелени работни места. Документот предвидува дека најголем дел од нив се во секторот градежништво и индустриите поврзани со градежни материјали, односно преку 4.000 нови работни места. Користењето повеќе обновливи извори на енергија за производство на електрична енергија, особено фотонапонски системи, ветер, биомаса, хидро-системи и постројки што користат гас од отпад се очекува да отворат околу 540 работни места, главно во секторот со фотонапонски системи, особено ако се поставуваат мали системи на покривите.
Документот констатира дека преминот кон ЛЕД осветлување, кое има многу повисока додадена вредност, ќе создаде работни места затоа што ќе се оформат нови продажни канали и иновативни инсталации. Се проценува дека со инвестиција од еден милион долари во овој сектор ќе се создадат 5,1 директни работни места и 4,2 индиректни работни места, или околу 720 нови зелени работни места до 2035 година. Речиси исто толку нови работни позиции се очекуваат и во производството на топлина од обновливи извори на енергија какви што се сончевите термални системи, биомасата и топлинските пумпи.
Меѓународната организација на трудот, дефинирала концепт на „нијанси на зелено кој служи како патоказ за земјите при дефинирање на зелените работни места, вели Мила Јовановска од Гоу Грин. Посочува дека овој пристап ги дели работните места на посветли и потемни зелени работни места во зависност од нивото на пристојност и во колкава мера работното место ја заштитува животната средина. Работните места кои се реактивни и имаат улога на ремедијација на веќе направена штета се сметаат за посветли зелени работни места, а оние кои се поврзани со спречување на загадување и опфаќаат пошироки и долгорочни мерки се во категоријата на „потемни“ зелени работни места.
„Колку повеќе работното место или фирмата го намалува загадувањето и отпадот, има зголемена енергетска ефикасност, поефикасно управува со ресурсите, ги заштитува правата на работниците и им овозможува социјални бенефити, толку „потемно“ зелено е тоа работно место. Секако, организацијата констатира дека и „светлозелените“ работни места имаат значајна улога во поголемата слика на зазеленување на економиите“, вели Јовановска.
Можност за креирање на зелени работни места има во сите делови од земјава, смета Смилевска. Во регионите кои се засегнати од енергетската транзиција кон користење на обновлива енергија, како што се кичевскиот и битолскиот регион треба да се осигура дека транзицијата ќе биде праведна за сите граѓани. Тука од огромно значење е развојот да се насочува согласно Зелената агенда за Западен Балкан, иако таа е релевантна за секој граѓанин во било кој регион, не само за оние кои живеат во регионите засегнати со јаглен. Сепак, констатира Смилевска, работните профили кои се потребни за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан во моментов не се создаваат или се создаваат во многу мала мерка.
„Итно ни е потребен кадар за поставување на сончеви панели и подобрување на енергетската ефикасност на домовите, меѓутоа она што е уште повеќе потребно се иноватори и креативни луѓе и луѓе кои сакаат да работат на производство на храна, особено органска храна која локално би се консумирала. Сѐ повеќе граѓаните бараат храна произведена блиску до нив и чиј транспорт до нивната трпеза не емитувал огромно количество јаглерод диоксид со кој се предизвикуваат климатски промени. За жал, во моментов нема доволно такви производители“, вели Смилевска.
Во туризмот, посочува, е евидентно дека недостасуваат добро обучени готвачи и сервисен персонал, а немаме ниту специјализиран кадар, како што се градежни работници, монтери од секаков вид, услужен персонал во угостителството и особено земјоделски работници.