Од Хелсиншкиот комитет информираат дека Основниот суд во Скопје донел пресуда со која го обвинетиот Г.П. – униформиран полициски службеник вработен во СВР Битола за виновен и го осуди на казна затвор во траење од една година.
Од Комитетот и од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) соопштуваат дека Основниот Кривичен Суд Скопје, по пресуда на Апелациониот суд со која беше укината првостепената пресуда, во повторно судење донесе идентична пресуда со која полицискиот службеник Г.П вработен во СВР Битола се прогласува за виновен и истиот се осудува на казна затвор во траење од една година за делото ,,Малтретирање во вршење на службата” – член 143 од Кривичниот законик.
„Во повторното судење се изведени докази од страна на одбраната кои не биле прифатени во текот на претходното судење. Во врска со настанот, идентично како и во претходната пресуда, судот наведува дека полицискиот службеник го малтретирал оштетениот Н.Ј. и спрема истиот постапил на начин што се понижува човечкото достоинство и човечката личност, со што во целост е исполнето законското битие на кривичното дело кое на обвинетиот му се става на товар со обвинителниот предлог“, велат оттаму.
Судот утврдил дека обвинетиот како службено лице-униформиран полициски службеник во вршење на службата го малтретирал оштетниот Н.Ј, на начин што при обезбедување на лице место по случена сообраќајна незгода, откако спрема оштетениот употребил полуга на левата и десната рака, го турнал на земјата и додека оштетениот бил легнат на земјата обвинетиот го удирал до клоци и тупаници по телото во пределот на главата, по рацете, по нозете, по грбот со што употребил прекумерна сила и спрема оштетениот постапил на начин на кој се понижува човечкото достоинство и човечката личност.
За време на судскиот процес, од МЗМП и Комитетот истакнуваат дека одржани биле неколку рочишта на кои сослушани во својство на сведоци биле оштетениот, доктор по општа медицина како и сведоци на одбраната.
„Изведени се и повеќе докази меѓу кои и видео материјалот од кој судот неспорно утврдил дека веднаш откако бил употребен зафатот од обвинетиот за совладување на оштетениот и тој бил совладан и соборен на земја, обвинетиот продолжил да го удира оштетениот со тупаници и со клоци по телото и главата и тоа додека оштетениот лежел на земја“, велат оттаму.
Од МЗМП и Хелсиншки истакнуваат дека и покрај тоа што одбраната се повикува на агресивното однесување на оштетениот спрема полициските службеници, судот ги отфрлил ваквите наводи.
„Критичниот момент бил под дејство на алкохол и агресивно се однесувал, за што се води и кривична постапка против него за кривично дело од член 383 од КЗ, не претставува оправдување за преземените дејствија од страна на обвинетиот и не претставуваат основ за ослободување на обвинетиот од кривична одговорност, кога истиот и покрај тоа што оштетениот бил совладан и соборен на земјата продолжил да го клоца по телото и главата повеќе пати и со тоа применувајќи прекумерна сила”, се вели во одлуката на судот.
Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот Комитет за човекови права ја поздравуваат ваквата одлуката на судот и истакнуваат дека ваквиот став на судот и при повторно судење е од енормно значење.
„Ова е една меѓу првите првостепени пресуди каде се изрекува ефективна казна затвор за полициски службеник поради употреба на прекумерна сила кон оштетено лице за кривичното дело Малтретирање во вршење на службата, член 143 од Кривичниот законик. Досегашна судска пракса е изрекување на условна осуда за полициски службеници дури кога е утврдена употреба на прекумерна сила при пречекорувањето на полициските овластувања“, заклучуваат оттаму.
Оштетениот е застапуван од адвокат Татјана Донеска од Скопје, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници.
Полицаец од Битола осуден на една година затвор поради малтретирање Ром