Во амфитеатарот на спомен куќата на Тоше Проески оваа среда (29 јуни) ќе се одржи хуманитарниот настан „Детска Насмевка за овој Свет” во чест на животот и делото на Тоше Проески.
„Тоа е ден кој е особено значаен за Тоше, посебен ден во неговата кариера, ден на кој е одржан неговиот прв концерт на градски стадион кој сега е именуван по неговото име“, се вели во соопштението за настанот.
Како што наведуваат од организацијата, за интерпретација на безвременските хитови на Тоше, задолжени ќе бидат Никола Зацески, Денис Димоски, Марија Груевска и Елена Петреска, поддржани со музичките групи Инвиктус и Мелем.
Сите собрани средства ќе бидат искористени за набавка на неопходна медицинска опрема за тестирање на слух кај новороденчиња во Македонија.
Хуманитарниот концерт е во организација на австралиската хуманитарна непрофитна организација, „Play Without Boundaries” во соработка со спомен куќата на Тоше Проески.