Најмалку 46 лица се пронајдени мртви во напуштен камион на периферијата на американскиот град Сан Антонио во државата Тексас.
Од пожарникарските служби соопштија дека 16 луѓе, меѓу кои и четири деца се пренесени во болница, пренесе Би-Би-Си.
Преживеаните биле топли на допир и имале сончаница и изнемоштеност од преголема топлина.
Сан Антонио, кој се наоѓа на околу 250 километри од американско-мексиканската граница, е голема транзитна рута за криумчарење на луѓе. Криумчарите често користат камиони за да транспортираат мигранти без документација откако тие некако ќе ја преминат границата и ќе влезат во САД.
„Тие имаат семејства… и најверојатно се обидувале да најдат подобар живот. Ова е вистинска ужасна човечка трагедија“, изјави градоначалникот на Сан Антонио, Рон Нирнберг.
Итните служби стигнале на местото околу 18 часот по локално време, откако одговориле на повици за мртво тело.
„Никој од нас не очекуваше дека кога ќе го отвориме камионот ќе видиме купишта мртви тела внатре. Никој од нас не доаѓа на работа со такво нешто на ум“, изјави шефот на локалните противпожарни служби, Чарлс Худ.
Тој додаде дека возилото, кое било напуштено од возачот, немал функционален клима уред и дека во камионот немало вода за пиење.
Последниве денови во Сан Антонио се регистрираат многу високи температури, а вчера тие достигнаа речиси 40 степени целзиусови.
Министерот за надворешни работи, Марсело Ебард, потврди дека меѓу пренесените во болница има два државјани на Гватемала, но досега не е познато чии државјани се жртвите од камионот.