Новинарката на Радио МОФ Ивана Смилевска, заедно со поранешната новинарка на нашиот медиум, Емилија Петреска, се меѓу добитниците на овогодинешните награди „Гласник на невидливите“ кои ги доделуваат од Македонската платформа против сиромаштија (МППС).
Тие оваа награда ја добија за сторијата „Крпен живот без документи“, во која се обработуваат проблемите со кои се соочуваат лицата од Македонија кои живеат без документи.
Овие награди се специфични затоа што наградените стории ги оценува жири-комисија составена од луѓе кои и самите имаат искуство со живот во сиромаштија или социјална исклученост.
Новинарите добија награда во вид на светилка, како симбол за давањето видливост на проблемите со кои се соочуваат овие луѓе.
Покрај нив, оваа година наградата ја добија и новинарките Светлана Дарудова, Симона Србиноска, Фатиме Фазлији од МИА, Бјанка Станковиќ и Христина Ѓорѓиевска од Види Вака и Дарко Штаргоски од Инфо Компас.
Овој несекојдневен проект во Македонија за првпат се организираше во 2018 година, според искуство од Австриската платформа против сиромаштијата започната во 2010 година на иницијатива на новинарите и лица кои биле во сиромаштија.
Целта на наградите е промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, во кое се почитуваат граѓаните и нивното достоинство, како и оддавање благодарност на новинарите кои внимаваат преку нивното информирање да не се градат стереотипи и кои не се водат од сензационализам.