Просечната оценка на државната матура е 3.78 и е повисока во однос на минатата година кога изнесуваше 3.61, согласно информациите од Државниот испитен центар кој е надлежен за спроведување на процесот, информира Министерството за образование и наука (МОН).
Оттаму соопштија дека резултатите од државната матура веќе се објавени и учениците можат да ги погледнат на огласните табли во училиштата, како и електронски преку најава на порталот rezultati.dic.edu.mk.
„Одделно по предмети, средна оценка од 4,00 е постигната по мајчин јазик, 3.48 по англиски, 4.79 по француски, 4.70 по германски и 5.00 по руски јазик, 4.18 по математика, 3.93 по филозофија и 4.54 по естетика“, посочија од МОН.
„Следува период на приговори, кои учениците може да ги поднесуваат до училиштата заклучно со 5 јули 2022 година. Резултатите од приговорите ДИЦ ќе ги објави на 11 јули 2022 година. Увидот во тестовите лично од страна на кандидатите е на 13 јули во ДИЦ, по претходна најава и телефонско закажување термин на 12 јули 2022 година“, додаваат од МОН.
Оваа година за државна матура се пријавиле 15.899 ученици, а полагањето, од МОН велат дека се спроведуваше по идентичен концепт како и минатата учебна година, кој беше утврден во договор со средношколците, според кој тие полагаа два екстерни, два интерни предмети и проектна задача со скратени испитни програми.
Во процесот биле ангажирани околу 2.000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи.