[Галерија] „Д фестивал 2022“ – Деновиве во Дојран се „дише“ музика

Музика, љубов, пасија, испробување нови видови „денс“, ентузијасти, шаренило и најубавата фузиска еуфорија веќе два дена го зрачи Дојран, а епицентарот е во стариот дел од градот.

Вчера официјално беше отворен долгоочекуваниот, пост-пандемиски „Д Фестивал 2022“, собир за илјадници обожаватели на андерграунд, но и популарна жанровска музика. По две години, фестивалот го врати вистинскиот дух. Деновиве во Дојран нема момент без музика, забава и дружба.

Фестивалската атмосфера што владееше првиот ден  нѐ поведе кон „Mosquito Stage“ каде „Луфтханза“ со сета должина и ширина што ја поседува како бенд ни отсвири песни од новиот албум што сѐ уште не се излезени. Иако беше топло, се потеа тие, и ние во публика, токму жештината придонесе за остварување на лудилото препознатливо за нивна свирка. Дел од песните што започнуваат тивко со мелозвучна нота, а притоа се изведени со четири гитари и тапани делуваа како ветрец низ публиката што се смирува пред повторно да се втурне во „шутка“.

Главната бина заслужено резервирана за македонски артисти, вчера ја отвори познатата хип-хоп групација „Зад аголот“, а на сцената настапија многу од членовите. Слободно може да се именува како „бандата што не се брои“ бидејќи пред сѐ е „Зад аголот“ и тоа е доволен податок. Немаше некој што не кима со глава соодветно на ритамот или не искажува почит преку кревање рака високо во воздух. Немаше поминато многу кога се слушна првото „зад“ и сите едногласно возвратија „аголот“, и сето тоа непосредно пред да започне големиот „мошпит“.

Успеаја да ја подигнат енергијата на многу високо ниво, публиката во моментот беше комплетно во форма, загреана за уште квалитетна музика. Тогаш во етерот почна да движи сосем друг жанр на музика, започнува реге, а со тоа и насмевка што се шири на илјадници лица. Џулијан Марли на стејџот избоен во боите на Јамајка нѐ пренесе на топло, некаде каде нема грижи и каде сите се забавуваме и играме заедно живеејќи солидарно.

Од вчерашните настапи не ја изоставуваме и драм ен бејс кралицата на годинешниот „Д фестивал“. Сијан Еванс, фокусот на електронската група „Кошин“ го украде фокусот на вчерашните бројни слушатели. Овој пат сите „пловеа“ како едно, експериментирајќи разни начини на игра со нозете, рацете, главата, дури и гласот што не сакаше да ја пушти да си оди од сцената, па таа ни даде уште две бонус песни.

Утрово, „Хајка“ се појавија во посебно светло. Панкерите облечени во бело со добро испеглани кошули пеат „Сакам само алкохол“, а присутните го занемаруваат силното сонце и се туркаат што е можно поблиску до оградата. Изгледаше како ние и бендот да сме во различна временска средина и се поврзуваме преку звучните вибрации што денес бендот ги исполни до максимум.

На „фестивалџиите“ за вечерва им е ветен електронски бран што го започна техно дамата „Xenia“, а „главна уредничка“ е Анфиса Летјаго која доаѓа од Италија. Главната бина повторно со култни, рап легенди, хип-хоп групата „Чиста околина“, а доколку заврши и не се претопи во утрешниот ден, како последни се најавени психоделичниот транс ансамбл, „Спирит архитект“ и „Djantrix“.

 

Ангела Бошкоска

Фото: Радио МОФ