Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. Леонардо Змајшек прогласен за најдобар говорник на Националното дебатно првенство

Победничкиот тим: (од лево кон десно) Анастасија Саша Тофовска, Леонардо Змајшек и Лука Кадриќ / Фото: Радио МОФ

Леонардо Змајшек ја доби наградата за најдобар говорник, а беше дел и од победничкиот тим заедно со Лука Кадриќ и Анастасија Саша Тофовска кои го освоија првото место на Националното дебатно првенство кое го одржа Младинскиот образовен форум (МОФ).

На првенството, кое се одржа под мотото „The big idea debate tournament!“, учествуваа околу 30 средношколци, кои дебатираа според World School форматот. На финалето се дебатираше на тезата „Овој Дом Верува Дека е оправдано за граѓанските движења да користат стратегии за дезинформирање во борбата против диктаторски режими“.

2. [Галерија] „Д фестивал 2022“ – Деновиве во Дојран се „дише“ музика

фото: Радио МОФ

Музика, љубов, пасија, испробување нови видови „денс“, ентузијасти, шаренило и најубавата фузиска еуфорија веќе два дена го зрачи Дојран, а епицентарот е во стариот дел од градот.

Официјално беше отворен долгоочекуваниот, пост-пандемиски „Д Фестивал 2022“, собир за илјадници обожаватели на андерграунд, но и популарна жанровска музика. По две години, фестивалот го врати вистинскиот дух. Деновиве во Дојран нема момент без музика, забава и дружба.

3. Новинарки на Радио МОФ ја добија наградата „Гласник на невидливите“

Новинарката на Радио МОФ Ивана Смилевска, заедно со поранешната новинарка на нашиот медиум, Емилија Петреска, се меѓу добитниците на овогодинешните награди „Гласник на невидливите“ кои ги доделуваат од Македонската платформа против сиромаштија (МППС).

Тие оваа награда ја добија за сторијата „Крпен живот без документи“, во која се обработуваат проблемите со кои се соочуваат лицата од Македонија кои живеат без документи.

4. [Фото] „Сите ние сме Сизиф“ – изложба на карикатуристот Лука Лагатор во „Остен“

фото: Радио МОФ

Во галеријата „Остен“ со воведен перформанс од самиот уметник беше отворена изложбата „Сизифов пат“.

Лука Лагатор, карикатурист со светско реноме, а по потекло од Балканот, Црна Гора вчеравечер заедно со својот „камен“ пристигна на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Сосем ненадејно и без никаква најава одејќи од улицата „Максим Горки“ кон плоштадот почна да ја тркала симболичната коцка изработена од стиропор, за само неколку мига подоцна да го привлече вниманието на присутните минувачи, туристи и сите што во моментот беа таму.

5. На Фејсбук страницата на УКИМ вчера во живо се пренесуваше играта „League of Legends“

фото: принтскрин

Преку Фејсбук страницата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во живо се пренесуваше играта „League of Legends“. „Здраво на сите“, на англиски јазик е пораката која беше придружена со преносот, кој траеше три часа и четири минути.

Преносот има 120 реакции, споделен е 10 пати, а има и 9 коментари. Еден од коментарите е и од новосоздаден профил наречен „Уким Скопје“.

+ БОНУС

[Подкаст] YouThink: Млад човек кој излегува од својот информациски „меур“ е способен да направи промена

Колку младите треба да покажат скепса кон дезинформации, но и да излезат од комфорната зона, од својот „меур“ и да ги слушнат ставовите со кои не се согласуваат? Треба ли лична одговорност и етика во офлајн и онлајн светот? Какви реформи се потребни за медиумската писменост да не биде „заглавена“ во неформалното образование, туку да оди рака под рака и во формалниот систем?

За сите овие прашања поразговаравме со Михајло Лахтов, директор на Проектот на УСАИД „Младите размислуваат“, кој од лани тргна во мисија да ја вклучува медиумската писменост во наставните програми и да се едуцираат млади од прво одделение, па се’ до студентите во универзитетите.

[Подкаст] Мегафон: Без отворени институции нема младинско учество

Младите се незаинтересирани за политичките настани и случувања во земјата. Истовремено сметаат дека воопшто не можат да влијаат врз тоа што и како работат властите, а голем дел од нив досега не биле вклучени од институциите при носењето одлуки. Овие, но и многу други податоци излегоа на површина преку третото истражување „Социо-политичко учество на младите во Северна Македонија“.

Во новата епизода на Мегафон, зборуваме со истражувачот Мартин Галевски, кој беше еден од авторите на минатотогодишното издание на истражувањето.