Дистанцираноста од емоциите и совршено изглуменото аристократско однесување на актерите од Словенско Младинско Гледалиште се два од трите елементи на кои е ставен акцентот во претставата „Невини“. Третиот елемент, оној водечкиот, е синхронизацијата на актерите преку снимен текст кој оди на плејбек во текот на целата претстава – идеа на режисерот Diego de Brea.
Главна тема на „Невини“ е љубомората и невозвратената љубов во еден четириаголник составен од млад брачен пар и нивните љубовник и љубовница. Иако претставата е работена според истоимениот роман на Gabriele D’Annunzio, се добива впечаток дека од нејзиното сценарио се извадени сите оние непотребни случувања кои обично ја подготвуваат публиката за кулминацијата која следи. Всушност во претставата заплетот и расплетот се случуваат постојано, во секоја нова сцена, со радикални промени во животот на ликовите. Па така кон крајот на претставата, текот на настаните станува помалку предвидлив и публиката не успева целосно да се поврзе со она што се случува на сцената. Кога станува збор за ликовите во претставата, тие се одлично изнијансирани со темелна позадинска анализа на нивните однесувања и желби – како целосна спротивност на црно-белата сценографија. „Невини“ е една од ретките претстави која ќе биде потполно иста кога и да ја погледнете, бидејќи синхронизацијата на актерите ги исклучува можностите за импровизација и нивна поголема слобода.
Од друга страна, во „Лев“ имавме можност да нурнеме длабоко во психата на Лев Засетски – војник кој здобивајќи се со куршум во главата во Втората Светска Војна ја губи свеста и сопствениот идентитет. Сценографијата (или подобро речено инсталацијата) беше едноставна, а многу експресивна и иновативна. Пар ламби и рефлектори, 3 двострани огледала и неколку килограми брашно како замена за песок беа доволни да ја пренесат целата публика на самото бојно поле во текот на една вжештена битка.
Актерот Glen Blackhall успеа да каже многу без да изговори ниту еден, единствен збор притоа овозможувајќи и на публиката да се поистовети себеси со несреќниот војник. Иако бездната во која запаѓа човекот откако ќе го изгуби сопствениот идентитет и свеста за себе, е деликатна и малку истражена тема, екипата од италијанската трупа Muta Imago се има посветено максимално на доловување на внатрешноста на човековиот ум. По 18 месеци работа и неколку месеци престој во денешните жаришта на тешки воени судири, Иран и Либан, претставата доживеала многу трансформации и добила различни реакции. Како што и самиот Blackhall во неврзан разговор ни кажа, се случувало да доаѓаат психијатри и од нивна експертска гледна точка да прават двочасовна анализа на претставата, мајки кои во војната ги загубиле своите синови да си заминат расплакани, поранешни војници да се налутат бидејќи биле потсетени на доживеаниот хорор. Сепак претставата се фокусира на надежта која го одржува човековиот род во живот и вечната борба за подобро утро. „Лев“ има совршен тајминг – доволно долга за да се внесете во неа, доволно кратка за да ја прикаже 30 годишната борба на Лев Засетски.
Концертот на Sethstat, енергични како и секогаш, беше одличен крај на 38-мото издание на Младински Отворен Театар. Најголемиот дел од претставите беа потполно распродадени, па поради големиот успех на фестивалот тимот на МКЦ вечер не чести со бесплатен концерт на данскиот панк рок бенд Iceage на платото пред МКЦ.
Јована Ѓорѓиовска