По повод 60 години од почетоците на изучувањето на македонистиката на љубљанскиот Филозофски факултет, од Универзитетот во Љубљана информираат дека во последните две децении на љубљанскиот Филозофски факултет се одбранети над 80 дипломски и магистерски трудови од областа на македонскиот јазик и книжевност, а три од нив се наградени со Прешерновата награда за најдобри дипломски и магистерски трудови на Факултетот.
„Добро е да се негува македонистиката во Љубљана и на другите странски универзитети. Со негувањето на македонистиката и надвор од матичните македонски институции се отвораат поинакви перспективи, погледи кон македонскиот јазик, литература и култура, пред сѐ, во вид на споредбени анализи кои придонесуваат кон меѓусебно (за)познавање, но и кон подобро познавање на себеси“, изјави Намита Субиото, која изминативе дваесет години ја води љубљанската Катедра за македонски јазик и книжевност.
Таа напомена дека покрај тоа што сериозно студираат, студентите-македонисти учествуваат и во преведувачки проекти, на научни конференции, настапуваат на културни манифестации и известуваат за македонистички теми во медиумите.
Од Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) објаснуваат дека ваквите бројки се показател за значајните резултати во афирмацијата на македонистиката на странските образовни и научни центри коишто се постигнуваат во содејство на странските универзитети, професорите и истражувачите – македонисти од странство.
„Само годинава, на претстојната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ се очекува учество на шест семинаристи од Словенија. Покрај тоа, придонес се остварува и со сите материјали коишто ги обезбедува и испорачува МСМЈЛК при УКИМ, а коишто се користат и во наставата на љубљанскиот Филозофски факултет и се влог во унапредувањето на изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура“, велат од МСМЈЛК.