Изложбата на Риџет Ферати насловена „10 жаби“ се отвори на 1 јули, а ќе трае до 11 јули во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Ликовниот критичар Горјан Ѓорѓиев, за изложбата пишува дека десетте жаби претставуваат десет прашања, десет насоки и десет илузии за еден нов свет.
Тој дополнува дека жабата претставува термин познат во железничкиот транспорт и претставува точка на премин на две шини, која им овозможува на тркалата на возот да преминат од една пруга на друга без да се почувствува промена на движењето.
„Сведоци сме на модерна еволуција на светот и почетокот на изумирањето на традиционалниот свет, кој е создаден од човекот, т.е. светот креиран според светите книги, воедно во кои книги се јавуваат предзнаци и показатели за тој крај. Потребна е модерна поетска интерпретација на мотивите на класичната религија со цел да се создаде подобра иднина и општество. Се отфрлаат сите идеологии околу утопијата и дистопијата поради чиста причина што утопијата претставува свет замислен и совршен, кој најчесто кореспондира со минатото и златните времиња, а дистопијата e вкоренет страв за утрешниот ден, така што фокусот останува на моментот создаден во тука и сега“, пишува Ѓорѓиев за претставените дела.
Риџет Ферати е роден 1995 година во Скопје. Дипломира на Катедрата за Визуелна уметност во класата на Александра Петрушевска Ристовска, на Факултетот за Уметност и дизајн, на Меѓунарoдниот балкански универзитет. Тој учествувал на повеќе групни изложби, а реализирал и самостојна изложба насловена „Зарем“ во 2021 година.
Во академската 2021/2022 работи како студент-асистент на Факултетот за Уметност и дизајн, на Меѓународниот балкански универзитет и ги продолжува своите магистерски студии во полето на визуелната уметност.