„Д фестивал 2022“ се врати во оригиналното издание, пред сѐ ја врати својата уникатна енергија што доживеа застој во последните две години.
Некои од поискусните „д-фестивалџии“ веќе го оценија и како едно од подобрите изданија од сите 12 години откако се одржува.
И навистина, можеби и е така. Фестивалската шема најмногу се чувствува кога влегуваш во камп зоната што годинава беше со автентичен камперски изглед. Пространо шаренило од многуте шатори, коцки за седење од сено, палети со големи перници, чаши и ленти висат на коноп меѓу дрвјата, вреќи, луѓе, млади луѓе, седенки, дружба, љубов и се разбира постојана музика. Кампот беше заразен со добра енергија.
Годинава Дојран беше толку преполн што при разминување можеш да ги почувствуваш аурите на луѓето. Сите дојдени за уживање, подготвени да ја будат фестивалската кондиција. Некако имаше глад за музика, кампување, дружење, пречек на изгрејсонце, сите решени дека мора да се „премери“ главната улица при шетање од еден стејџ до друг, а ги имаше пет.
Првиот ден помина со брз прелаз кон вториот, бидејќи временската зона беше на друго ниво, подесена на максимум со акцент на журкање и добра забава. Тоа беше најважно, а со насмеани лица се сретнувате постојано. Некој спие во колата до која поминуваш, отвора очи, се гледате и се смеете, други спијат во шатори, некои се на ПлоштАрт или играат флипери, а можеби само седат во круг на некое местенце.
[Галерија] „Д фестивал 2022“ – Деновиве во Дојран се „дише“ музика
Во меѓувреме на вториот ден додека едни се со некаква активност, други се „газат“ на „Хајка“, и нема врска што е 12 напладне, важно е дека се движи во ритам. „Хајка“ беа во одлично издание, подготвени да им го дадат до крај „панкерството“ на насобраните пред стејџот.
За нив и нивната музичка турнеја низ Македонија се збореше и на отворената панел дискусија за македонската музичка сцена организирана од музичката платформа „Smooth ON“ каде говорници беа Тошо Филиповски, или како што го именуваа, Марко Цепенков за рок ен рол-от во Македонија, хип-хоп мастерот DJ Гоце, Филип Николовски како програмски директор на Младинскиот културен центар, Марта Завкова од тимот на „Скопско“ и Огнен Стојановски како модератор.
„Последните четири години на „Д фестивал“ на главен стејџ има македонски артисти. Не мора да се прави комерцијална музика кога може да се свири на голем фестивал“, рече Dj Гоце поздравувајќи ги „Зад аголот“ што годинава првиот ден свиреа на главен стејџ.
Според него причината поради кој младите бендови и артисти по одредено време се откажуваат од целта музиката да им биде главна професија е намалениот инает. Тој рече дека бендовите во подем треба да размислат за начини како да ја промовираат својата музика. Кон ова се надоврза и новинарот Тошо Филиповски кој упати критика кон нашето општество каде, како што рече, музичарите не може да опстојат само со музиката како професија, туку е потребно да работат уште нешто.
„Ако до пред 5-6 години „Д фестивал“ беше оазата на слободната мисла на младите, сега сè повеќе такви настани се случуваат во Македонија и тоа е за поздравување, ама македонскиот јавен сервис сѐ уште доцни за оваа млада музичка револуција. Медиумите може да застанат зад приказната на македонската музичка сцена, на „Smooth ON“ и на МКЦ затоа што таа заслужува да биде голема и да им го отвори патот на младите музичари“, рече Филиповски.
Филип Николовски посочи дека покрај медиумите треба да се работи и на програмите во културните центри низ земјава.
„Борбата е изгубена институционално. Моментот кога како држава дозволивме да пропаднат многу институции коишто се во ужасна состојба. Што нѐ кошта бендови што свират и во други градови за гориво и две пијачки, не го зборам потценувачки туку како иницијална помош за бендовите“, рече тој на дискусијата.
Годинава на „Д фест“ имаше 30 –тина македонски артисти и бендови, и секој од нив со своја авторска музика!
Со ова се сложи и Дина Јашари која за време на нејзиниот попладневен настап на третиот ден порача да се слуша и поддржува македонската сцена бидејќи музика има многу и ќе има уште. Настапот на Јашари беше како влез во ѕвонлива реалност. Со секоја следна песна публиката стануваше сè побројна, а беа присутни и дел од македонските артисти.
Се случуваше и да нема ништо на никој од стејџовите, ама затоа имаше луѓенца со звучници во камп, на кеј, на плажа, во секое време. Тука беше и ПлоштАрт програмата преку што се претставија неколку од бројните уметници во земјава што прават уникатни ракотворби. Размена на облека за рециклирање и реупотреба со „Второ азно“, обетки во „5 до 12“, голем избор на рачно изработен накит во „Индиго“, различни сувенири, украси и ракотворби. Освен штандовите имаше и театарски перформанс, стенд ап на Ангела Стојановска и рецитал на поезија со Кени.
И покрај големата организација од страна на „Пасворд“ се чинеше како културата кај луѓето да стагнира низ годините. Имаше периоди кога кампот беше преполн со ѓубре, стејџовите по завршување се претвораа во море од отпадоци, а пластични шишиња и хратиени амбалажи имаше и по плажите. Следниот ден сето тоа се чистеше, сепак во фестивалскиот дух особено кога има толку многу луѓе до некаде се очекува да има и дупло повеќе отпадоци.
Но добро, тоа е што е кога сме на фестивал.
Третиот ден во суштина и започна со метал. Пулсот на стотина присутни беше контролиран од басот на „Мамут“. Овој пат беше друг тапанар, ама севкупно звучеа стварно добро. Иако свиреа во најжешкото, 12 напладне, не требаше многу за да се започне шутка, а адреналинот на шуткачите крена прашина. „Мамут“ се трудат за што е можно поенергичен настап додека свират квалитетна музика, дечките заслужуват да ги видиме и на главен стејџ во некоја следна прилика.
За тајниот изведувач имаше извесна неизвесност сè до самиот настап. Неколку часа пред настапот се помести локацијата – од „Church Stage“ на „Браво стејџ“ покрај кеј што предизвика поголема возбуда кај луѓето. И така и така овој пат недостигаше сетјџот „Lake awake“ што ја смени својата локација, (сега беше во камп), барем некој од 50-те музички артисти требаше да се ислуша покрај езеро.
„Дубиоза колектив“ зазема посебно место во срцата на македонската публика, а тоа беше видливо и сега. Минатата година беа во полн состав, а овој пат свиреа акустика ама како и вообичаено звучеа одлично. Ги отсвиреа „Балкан“, „Кажу“, „Химна генерације“ и многу други. И акустичната интерпретација успеа да го запази игривиот звук на песните. Тука мора да кажеме и дека со жешкото време се справуваме само со прскање со вода и пиво.
Кога веќе зборуваме за пивото, „Хладно пиво“ како и секогаш ја разработеа сцената со препознатливите хитови, квалитетна музика што и по 20 години останува знајна за сите и со која музички се едуцираат и новите генерации.
Веднаш по нив пристигна Констракта. Од почетокот па сѐ до крај кога ја изведе „In Corpore Sano“ звучеше подеднакво моќно. Тука имаше интересна приврзаност меѓу публиката и неа, со оглед на тоа што прв пат настапува овде под името „Констракта“. Публиката ја прифати уште од кога почна и сите пееја со неа, дури и кога некои триесет секунди микрофонот престана да работи и гитаристот презеде.
На тридневната фестивалска програма се најде забележувачки број на артисти од електронскиот жанр и на главен стејџ.
Вториот ден тука беше Анфиса Летјаго, а со нејзиниот сет вибрираше сѐ околу главниот стејџ. Масивна публика сè до надвор на излезот се вози на техно што продира длабоко, а осветлувањето сè
повеќе „удираше“ кон сиво и црно што го го потхрани адреналинот. Всушност со сетот влезе навидум полесно а тоа предизвика левитирачка атмосфера што потоа направи сите да почувствуваат повик за движење. Наоколу секој си имаше заземено одреден простор за играње што не смееше да го наруши никој друг.
Ден пред тоа, „Кошин“ гравитираше на стејџот привлекувајќи ги сите да скокаат по ритамот на драм ен бејс, особено одредени 20 минути непосредно пред крајот на настапот. На крај публиката ја врати на бис. Кога заврши, траката „Hide u“ остана уште долго да одѕвонува во глава, а подоцна се слушаше и од малите звучници на фестивалците што беа монтирани на плажа или на кеј по завршување на концертите.
Последниот ден, главниот стејџ официјално го затвори Жу. Жу пееше и на микрофон, а вокалот дополнително ја пополни електрониката што на присутните по три дена веќе им течеше низ вени.
По речиси два часа интензивен техно сет се бараше уште, и бидејќи журката таму заврши сите тргнаа кон камп. Ама и како може да се помине добро на фестивал ако на крајот од денот (или ноќта) не си ги чувствуваш нозете. Се одеше споро и во редици, секаде имаше луѓе, на улица и на тротоар. Наеднаш доаѓа чувството дека утредента сите си одиме и ќе чекаме дури до следната година и сите само го сакаа моментот да им остане.
Дојран не заспа до понеделник и нема да заспие уште долго. Дури и во понеделникот имаше по некој ваму или таму што уште се шетка со фестивалската алка. Ќе се памети и чувствува уште долго годинешната еуфорија на најголемиот летен фестивал во Македонија кој прераснува во сѐ попривлечна манифестација каде од година в година излегуваат се повеќе македонски артисти и бендови.
Ангела Бошкоска
Фото: Радио МОФ